Тамара Тодевска повторно застана покрај Маријана и Росана и ја запеа „Љубов“, песната со која како шестгодишно девојче настапи на „Макфест“ во 1991 година. Средбата по 35 години ја оживеа приказната за нејзините први чекори на сцената и го најави концертот „25 години љубов“, закажан за 7 декември во Т-Арена.
Песната ја напишал Тоде Новачевски, а идејата во неа да се вклучи детски глас се родила уште за време на подготовките со Маријана и Росана.
„Бевме заедно со Тоде Новачевски. Тој ја напиша песната и првото што го спомна беше: ‘Ни треба младо, мало девојче и песната ќе биде целосна’. Реков: ‘Да, но каде да бараме мало девојче?’ На Тоде му текна, затоа што татко ти беше професор по музика и работеа заедно. Рече: ‘Знам од каде’. Потоа разговаравме и рековме: ‘Тамарче, нема проблем, ќе пееме’“, се присетија Маријана и Росана.
Така шестгодишната Тамара станала дел од песната „Љубов“ и од настапот на „Макфест“. Пред да застане на сцената, сестрите ја прашале што сака да добие за учеството.
„Ти беше толку цакана. Првото што те прашавме беше: ‘Што сакаш, Тамарче, за да ја отпееш песната?’ А ти рече: ‘Сакам барбика да ми се купи’“, раскажаа тие.
Зад детската желба за барбика, Маријана и Росана уште тогаш препознале талент што ветувал многу повеќе од еден фестивалски настап.
„Невино детенце, девојченце со фантастично срце. Но знаевме дека нешто ќе биде. Прво, ти си дете од музичко семејство. Второ, твојот талент се виде уште на шестгодишна возраст, што е многу важно. И трето, Тоде, Маријана и Росана, ‘Љубов’, ти и ‘Макфест’ – тоа се почетоци што не се занемаруваат“, ѝ порачаа тие на Тамара.
Повторната изведба ја врати Тодевска кон 1991 година, но истовремено го отвори и следното поглавје од нејзината кариера.
„Сѐ започна на ‘Макфест’ во 1991 година, со моите Маријана и Росана и песната ‘Љубов’. Триесет и пет години подоцна, повторно ја запеавме заедно и се потсетивме од каде започна сѐ“, порача Тамара.
Концертот на 7 декември ќе биде посветен на нејзините 25 години професионална кариера, љубовта кон музиката и односот со публиката што го градела низ годините.
„Љубовта кон музиката и кон публиката е она што ме движеше напред изминативе 25 години. На 7 декември сакам заедно да се потсетиме на сѐ што поминавме, за првпат концертно да ви ја претставам ‘Кукла жива’ и да создадеме нови моменти и емоции што ќе нѐ движат и во годините што доаѓаат“, најави Тодевска.
Концертот „25 години љубов“ ќе се одржи на 7 декември во Т-Арена, а билетите се достапни преку Wayin.

