Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Папата Франциск одобри благословување на истополовите парови

Папата Франциск во понеделникот одобри благослов за истополовите парови, што означи промена во ставот на католичката црква кон ЛГБТК+ заедницата.

Во документот објавен од доктриналната канцеларија на Ватикан (и потпишан од папата) се вели дека на римокатоличките свештеници ќе им биде дозволено да ги благословуваат паровите „кои се во невообичаени ситуации, како и истополовите парови“.

Документот прецизира дека благословот официјално не го потврдува статусот на парот ниту го менува „вечното учење на Црквата за бракот“.

Исто така, се нагласува дека благословот не треба да се случи истовремено со церемонијата на граѓанска заедница и не може да се врши со каква било облека или гестови поврзани со свадби, за да се избегне „секаква форма на конфузија или скандал“.

Но, се вели дека овој потег „имплицира вистински развој во однос на она што е кажано за благословите“.

„Кога луѓето бараат благослов, не треба да се прави исцрпна морална анализа како предуслов за да се даде. Зашто, од оние што бараат благослов не треба да се бара претходно морално совршенство“, се вели во документот.

Промената на ставот следи по писмото што папата Франциско го испрати до пет кардинали во текот на летото, а е објавено во октомври, во кое се навестува можноста да се дозволи благослов за истополовите парови.

Франциск ја придвижи католичката црква кон попрогресивни ставови за ЛГБТК+ прашањата откако стана Папа во 2013 година. Во 2020 година тој ги поддржа истополовите граѓански заедници, велејќи: „Хомосексуалците имаат право да живеат во семејство“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира