Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што добива Унгарија ако ѝ даде една милијарда кредит на Македонија?

Ако информациите се точни, тогаш зошто Унгарија би одобрила толку многу пари и која е поентата, пишуваат медиумите во Будимпешта

Вестите за мистерозната милијарда евра најавена од победникот на изборите, Христијан Мицкоски, и нагаѓањата за можниот извор на кредитот стигнаа и до Будимпешта. Медиумите во Унгарија истражуваат што би добила земјата доколку на владата што треба да се формира во Македонија ѝ се даде кредит од една милијарда евра преку тамошната Ексим банка и дали има примери во минатото за такви зделки. И дали портфолиото на Ексим банката може да си дозволи одвојување на таков кредит? Се разбира, ако информациите што се појавуваат во Македонија за кредитниот извор – Унгарија, се точни.

Интересно е што Мицкоски износот на кредитот го претстави во евра, а не во долари. Што значи дека позајмувачот веројатно е од европските простори, затоа што можните два други извори – Кина и Обединетите Арапски Емирати – трансакциите ги пресметуваат во долари. 

Угледниот унгарски магазин „Маѓар наранч“ во подолг текст ги пренесува изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски, и нивните одговори за најавуваниот кредит во две телевизиски интервјуа.

На почетокот од текстот „Маѓар наранч“ пишува: „Ако се поставува прашањето, со кого во последно време повеќе се фотографираше идниот премиер Христијан Мицкоски, тогаш одговорот е Виктор Орбан. Унгарскиот премиер беше домаќин на политичарот во Кармелита (седиштето на владата – н.з.) минатиот октомври. Според оскудните информации на агенцијата МТИ, се разговарало и за забрзување на интеграциските напори на државите од Западен Балкан, Македонците малку поентузијастички пишуваа за реализација на стратешките цели, на крајот на краиштата, станува збор за две пријателски држави, а една од нив ќе претседава со Европската унија“.

Новинарите на „Маѓар наранч“ се обратиле до Ексим банката по одговори дали е можно државната финансиска институција да одобри толку големи пари за една друга земја, како што не се случило досега. И како може да се преговара со политичари кои биле во опозиција до изборите. Магазинот наведува дека од банката немаат одговор. Додека не го добијат одговорот „Маѓар наранч“, како што пишува, „ние сме принудени сами да разбереме колкава е шансата за таква зделка, дали воопшто може да се разговара за тоа и зошто воопшто да се разговара“.

Во текстот понатаму се вели:

„Во принцип, тоа е можно. На крајот на краиштата, во 2021 година, Ексим ја поддржа и владата на босанскиот Србин Милорад Додик, кој исто така победи на изборите оттогаш, со 45 милијарди форинти (116 милиони евра). Се разбира, ова не беше со ентузијазам објавено од оваа финансиска институција, туку од весниците на босанските Срби… Во сметките на Ексим банката 48,7 милијарди форинти (126 милиони евра) во расчленувањето на земјите кои не се членки на ЕУ, исто така, убаво се наоѓаат меѓу обврските кон другите клиенти. Во 2021 година, на оваа линија имаше само 6 милијарди форинти, така што редоследот на износот е точен. Но во текстот на извештајот не се споменува дека сумата отишла кај Додик и неговиот тим.

Ова е чудно – а и не е чудно – затоа што другите ставки и линии се едноставно изведени, нема тајност. Таква ставка е изложеноста на Египет, Лаос и Индонезија кај неевропските клиенти. Овие проекти може да се најдат и со едноставно пребарување на интернет. Во 2020 година Ексим банката ќе му дадеше на Лаос заем за помош од 160 милиони долари, но граѓанската војна не ја фаворизираше економската зделка, па овој заем на крајот не беше ефектуиран. Слично, во системот беше заглавена египетска ставка, која ќе се однесуваше на продажба на 1.300 железнички вагони, за кои Ексим банката ќе дадеше заем со попуст, но досега ниту тоа не се реализираше“, пишува „Маѓар наранч“.

И кажува што е клучот во целата зделка со Бањалука:

„Но не е тука поентата, туку тоа што има вести за нив, имаше најави и овде. А нема ништо за балканскиот бизнис“.

Магазинот пишува дека ако се точни неофицијалните наводи, тогаш македонската зделка ќе биде поголема и од ставките за Република Српска, Лаос, Египет и Индонезија заедно.

Економскиот уредник на „Маѓар наранч“ во текстот го поставува прашањето: „Која е поентата на ова – надвор од фактот дека парите се коњска крв. На државата (се мисли на Македонија) ѝ требаат ресурси, тоа е очигледно. Можете да испечатите сопствена валута во секое време, но ова само ја турка инфлацијата. Ако ви требаат девизи, можете да издадете обврзница или да земете заем. Издавањето обврзници е прилично скапо за земја како Северна Македонија – па дури и Унгарија – така што заемот може да биде поевтино решение. Светска банка или ММФ со задоволство даваат кредити, за тоа постојат, но прашање е што бараат во замена за ниската камата. Сигурно има многу работи што не сака да ги направи премиерот (Орбан) кој е особено горд на турските, унгарските и кинеските односи кои не сака да ги направи – транспарентност, антикорупциски мерки, средување на јавните финансии.

Кина, на пример, дава заеми со високи каматни стапки во секое време, без прашање. Ова го користи и унгарската држава и се користи за финансирање големи инвестиции, но во оваа категорија спаѓа и фантастичниот проект наречен ‘Мини Дубаи’, каде финансиер се Обединетите Арапски Емирати. Таков е заемот што Ексим ќе може да ѝ го даде на Северна Македонија. Сосема е јасно зошто тоа е добро за корисничката влада: парите се слеваат, тие ќе смислат како да ги вратат. Дополнително, Мицкоски истакна дека ова е многу добра зделка ‘со исклучително поволни услови, добар грејс период и исклучително атрактивна каматна стапка’“.

По елаборацијата „Маѓар наранч“, го поставува прашањето:

„Во светло на сето ова, сѐ уште не е јасно што има тука добро за Унгарија?

Исто така, не е јасно зошто се потребни толку многу пари? Ваков износ на заем е многу и за Ексим, една милијарда евра не се кријат во џебовите, оваа сума е видлива и на ниво на буџет. Во најновиот извештај, вкупниот износ на средства што Ексим им ги додели на компаниите во Унгарија преку банки и финансиски институции е 1.500 милијарди форинти (3,8 милијарди евра). Ова е рамката на програмата за индустријализација и други заеми за развој на бизнисот. Средствата и заемите дадени на други клиенти изнесуваат 860 милијарди форинти, од кои 420 милијарди форинти се наменети за домашни клиенти и 440 милијарди форинти за странски клиенти. На овие 440 би се додале 358 милијарди форинти. Но зошто?“, се прашува магазинот „Маѓар наранч“.

Одговорот, ако навистина парите дојдат од Унгарија, се знае повеќе овде отколку во Будимпешта: ВМРО-ДПМНЕ 15 години за најверен сојузник во Европа го има Виктор Орбан и неговата партија Фидес. (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира