Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО Чупеска: Македонската и албанската опозиција користат ист етнопопулизам како во балетски синхронизирана претстава

„Она што ме загрижува во кампањата е етнопопулизмот. Албанската и македонската опозиција како да си се усогласени во своите националистички и етнопопулистички реторики. А после кога ќе бидат власт ќе се сакаат? Сега ќе се плукаат, после ќе треба да се сакаат“, рече универзитетската професорка Ана Чупеска во „Студио 10“ на ТВ24.

Таа додаде дека колку и да го сметаат за легитимен етнопопулизмот, мора да се внимава во мултикултурна средина бидејќи тој може да има лоши долгорочни ефекти.

„На луѓето им требаат обединувачки тонови, а не разединувачки. До кога таа приказна ќе ја узурпира политичката сцена? Етнопопулизмот кај нас е како во балетски синхронизирана претстава“ рече Чупеска.

Професорката рече дека ваквите наративи можеби ќе донесат краткорочно глас плус, но на долг рок не ги еманципираат луѓето поради што нема напредок.

„Ако сакаме напредок како општество, политичарите мора да имаат функција за еманципација“, рече Чупеска.

Таа посочи дека по ниту еден основ не припаѓаме на БРИКС, па затоа повиците за преиспитување на нашите позиции се евтини политички трикови.

„Ние немаме никакви, ниту културолошки, ниту економски, ниту инвестициски поврзаности. Не може да се занесуваме дека припаѓаме на БРИКС, по ниту еден основ не припаѓаме таму. Во таа смисла овие повици од разни субјекти да се преиспитаат нашите позиции се евтини политички трикови, кои не може да се реализираат“, потенцираше Чупеска.

Таа додаде дека тоа што одредени политички субјекти пред изборите повикуваат на некаква неутралност, е погрешно искористен термин, туку повиците се за самоизолационизам.

„Политиките на игнорирање на глобалните состојби не носат добро за граѓаните. Секоја држава и власт има должност да ги адаптира политиките согласно капацитетите во глобалните простор на игра. Нам како мала држава не ни е тешко да се определиме. Имаме стратешко партнерство со САД, имаме стратешка цел за ЕУ“, рече Чупеска.

Професорката додаде дека целиот труд, инвестиции и жртви кои ги имаме дадено за европскиот пат не може да ги заборавиме за некакви сојузи, каде нема ни правила на игра.

„Мора да ни биде јасно дека тој што не сака да преговара со ЕУ, брутално лаже дека сака да ја уништи корупцијата. Ако вие ги блокирате отпочнатите преговори и тврдите дека корупцијата е проблем, а притоа негирате потреба од продолжување на преговорите лажете, бидејќи самите преговори имаат трансформативен карактер“, Чупеска.

Таа додаде дека со самите преговори се прави притисок кон државата кандидат да се направат радикални промени на подобро.

„Не е точно дека корупцијата е причина за неприфаќање на преговарачката рамка. Тоа не се взаемно исклучиви работи. Тој што не сака да преговара, не сака да искорени ни корупција“, рече Чупеска.

Професорката рече дека преговарачката рамка не ги содржи само уставните измени, туку и адресира состојби за кои се бараат сериозни реформски интервенции.

Зачлени се на нашиот е-билтен