Бугарското Министерство за надворешни работи денеска одговори на барањето на Скопје Европската Унија да биде вклучена во идните разговори меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи дека пристапувањето на земјата во ЕУ е европско прашање и треба да се разгледува во рамките на европските институции и веќе утврдените процедури.
Позицијата од Софија следува откако министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека Македонија инсистира во сите идни разговори со Бугарија да има претставник на Европската Унија – преку европските институции или преку земји членки. Како причина тој ја наведе недовербата меѓу двете страни.
Од бугарското МНР велат дека Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Македонија, но нагласуваат дека од Скопје очекуваат исполнување на веќе преземените обврски и спроведување на потребните чекори за продолжување на европскиот пат.
Со тоа Софија практично не го отфрла барањето на македонската страна разговорите да се водат со вклученост на ЕУ, но останува на ставот дека европските институции треба да постапуваат во рамките на веќе договорената европска преговарачка рамка.
Бугарската страна и претходно инсистираше дека напредокот на Македонија треба да се темели на договореното на ниво на ЕУ во јули 2022 година. Во мај годинава, по средбата на шефовите на дипломатиите на двете земји, бугарското МНР повторно соопшти дека целосното исполнување на обврските од европскиот консензус од 2022 година го смета за услов за натамошен напредок.
Една од клучните обврски на која се повикува Софија е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Македонската влада не го оспорува самото уставно внесување на Бугарите, но бара дополнителни гаранции дека со тоа нема да следуваат нови билатерални услови во подоцнежните фази од преговорите.
Муцунски вчера изјави дека Скопје веќе води интензивни разговори со претставници на Европската комисија и Европскиот совет и дека за Македонија е важно Унијата да биде присутна во секој иден дијалог со Софија.
Во последните денови македонските власти повторно ја засилија дипломатската активност околу евроинтеграциите. Темата е актуелизирана и во пресрет на најавената посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Западен Балкан.
Новата порака од Софија затоа остава простор за европско присуство во разговорите, но не покажува промена во суштинската бугарска позиција – дека Македонија треба да ги исполни веќе договорените услови пред да продолжи со следната фаза од пристапниот процес.

