Џабир ДЕРАЛА
На 24 февруари 2022 година, диктаторот од Кремљ тргна во тридневна „специјална воена операција“ за конечно да ги освои Кијив и Украина. Тоа беше ескалација на неговата прва авантура започната на 20 февруари 2014 година кога ги испрати „малите зелени човечиња“ да го окупираат Крим и источните делови Украина, без достоинство и храброст, без амблеми на војската под негова команда.
Две години подоцна: загинати меѓу 408.240 руски војници и платеници, а уништени се 6.536 тенкови, 12.410 оклопни возила и 9.916 артилериски системи, 340 авиони и 325 хеликоптери, според Генералштабот на Украина. „Москва“, позната и како „гордост на руската морнарица“ е на дното на Црното Море, заедно со уште 24 други руски воени бродови.
Путин е студен и бесчувствителен кон загубите. За него човечкиот живот нема никаква вредност.
Иако е втора светска супер сила со софистицирано оружје и огромни резерви од оружје и муниција, руските воени, паравоени и платенички единици составени од злосторници и психопати, често немаа ни куршуми за да се борат на фронтот, па во еден момент се бореа со лопати во Бахмут, па Пригожин, шефот на злосторничката група „Вагнер“, ги пцуеше руските генерали пред очите на целиот свет. На крајот, крена 24 часовна побуна, а набрзо потоа, авионот во кој патуваше се урна, нели, сосема „случајно“.
Крвавиот режим на Путин во затвор држи илјадници луѓе, некои и само затоа што кажале дека нивната земја води војна, а не „специјална воена операција“. Режимот го затвори, а потоа и го уби и Навални, главниот опозиционер. Уште еден во долгата низа политички убиства.
Украина повторно се соочува со геноцид. Руската солдатеска изврши повеќе од сто илјади воени злосторства врз недолжни цивили, жени и деца, дури и бебиња. Срамнија со земјата цели градови и села, уништени илјадници станбени објекти, училишта, градинки, породилишта, детски игралишта, културни установи, цркви, споменици на културата, цивилна инфраструктура, поплава предизвикана од уривање на браната кај Каховка, постојан ризик од катастрофа на нуклеарната централа Запорижја… Речиси 20.000 деца се киднапирани и однесени во Русија или во окупираните подрачја. Запалена земја, апсурдно уништување и садизам…
И…
Путин е баран со меѓународна потерница за воени злосторства.
Навистина, некој треба да е многу „способен и талентиран“ за една тридневна „специјална воена операција“ да ја претвори во сето тоа што го наведов овде, а има и повеќе.
Бавно на почетокот, но оваа апсурдна и геноцидна војна му покажа на демократскиот свет дека рашизмот на Путин го загрозува светскиот поредок и демократијата на секоја точка од оваа планета, не само опстанокот на Украина. Не само што не сакаше да ја види заканата од Путин во 2014 година со првата инвазија против Украина, Европа имаше проблем со видот и слухот и во првите недели од целосната инвазија во 2022 година. Вујко Сем беше доволно брз, за среќа.
Но новата Железна завеса е веќе високо крената. И не може повеќе да се говори за мир во светот додека трае војната во Украина и режимот на Путин. Напротив, со секој нов ден, војната што ја води Путинова Русија против Украина, претставува ризик по мирот и во многу други делови од светот. Овој злосторник и садист е на чело на држава терорист која поттикнува, па и спонзорира тероризам ширум светот. Путин барем делумно стои и зад ерупцијата на војната што сега се води во Газа (без намера да се изземат и другите одговорни во овој крвав конфликт во кој загинаа огромен број цивили). И одигра крајно валкано во последната крвава епизода во Нагорно-Карабах.
Бруталната руска агресија во 2022 година е само продолжение на рашистичкиот режим и воени интервенции што ги спроведува Путиновата клика веќе 16 години. Почнувајќи од првата воена агресија против Грузија во 2008 година.
Меѓу Путин, крвавото и садистичко насилството, и војната – постои знак на равенство без непознати. Да се потсетиме, војната го донесе на власт воениот злосторник, Путин. Срамнувањето со земја на Чеченија и опсадата на главниот град Грозни (1999-2000), на почетокот на Втората чеченска војна ги координираше руската токму озлогласена ФСБ (порано КГБ). Паралелно со ужасите на воените разурнувања на чеченската република се спроведуваше и операцијата за овозможување на КГБ/ФСБ-овецот Путин да се добере до претседателската позиција.
Путиновата клика, заедно со крволочните платенички војски, води различни облици на војна и во повеќе региони на Африка и Азија. Режимот на Путин ја столчи демократијата и во Русија. И на самите почетоци од своето владеење, оние што гледаат со отворени очи, видоа дека тој поведе хибридна војна и против Западот. Таа војна тој ја започна тивко, со вкочанета насмевка на лицето цела една деценија пред да започне со воената инвазија на европско тло, Украина, 2014 година.
Злосторникот од Кремљ ја води својата последна војна – против Украина и против демократскиот свет.
Сигурен сум дека Путин ќе ја изгуби војната и на крајот ќе биде сменет, можеби и одведен во Хаг да му се суди за воени злосторства, а во перспектива и за геноцид. Можеби ќе биде убиен од некој нов Пригожин што ќе се појави на рускиот крвав хоризонт. Впрочем, освен огромна војска, во Русија има и шеесетина приватни војски, од кои едната му припаѓа нему, а една поседува и неговиот министер за одбрана од 2012-та, Шојгу.
Меѓутоа, прашањето е – дали светот ќе дозволи Путинизмот да победи? Во услови на Новата Студена војна (2.0), претпоставувам дека за тоа постојат сериозни шанси.
И прашањето на мирот…
Војната е единствениот јазик што го говори и разбираат Путин и неговата клика составена од садисти и психопати. Путин засекогаш ги промени дефинициите за тоа што значат поимите мир и мировни движења. Да се говори за мир во денешно време, пред сè, значи да се говори за одбранбена и ослободителна војна.
Војната е единствениот пат по кој е принуден да чекори светот на денешницата. Потрагата по мир е возможна само преку војна! Нема ништо потрагично од овие констатации, но мора некој да ги напише и изрече, наспроти свилените академски ракавици што ги носат најголем дел од невладините организации и неброени политичари и експерти кои мудруваат за војната и мирот.
Извинете, дами и господа, ако мојот речник не е завиткан во дипломатска обланда. Но во време кога новороденчињата се раѓаат (и умираат) придружени со заглушувачки звуци на сирени за воздушен напад и експлозии, еуфемизмите се апсурдни. И само им помагаат на злосторниците да продолжат со својата монструозна деструкција.
Ги гледам Путиновите пропагандисти, ботови и корисни идиоти што се фасцинирани од злосторничкиот, геноциден поход против невооружените цивили на една независна и суверена земја. Ја гледам неславната ролја на медиумите, интелектуалците, уметниците и невладините фолиранти. Гледам и се гадам.
Нечовечно е да се биде „неутрален“ кон монструозните злосторства што ги спроведува рускиот агресор против цивилното население и воените заробеници. Тоа не може да се нарече неутралност, туку бесчувствителност! И соучесништво во злосторството!
Нема аргументи со кои „неутралноста“ во оваа тешка човечка и светска трагедија може да се одбрани. Проруските позиции и ставови не сакам ни да ги коментирам. Тие се злосторство.
Едно е јасно. Светот мора да се ослободи од режимот на овој злосторник и мора да го изнесе пред суд за воени злосторства и геноцид. Не само поради опстанокот на Украина, туку и поради опстанокот на светот.
Мирот во светот ќе добие шанса само кога и последниот вооружен криминалец во руска или платеничка униформа ќе си замине од Украина, до целосно ослободување до последна педа од територијата на суверена Украина. И не само тоа. Сите злосторници, на чело со Путин, мора да одговараат за своите ѕверства низ Украина. Во спротивно, жртвите што Украина ги поднесува во име на својата слобода и светскиот мир ќе бидат залудни. И на крајот од тој процес, да се започне со реконструкција на разурнатата Украина и заздравување на украинското општество од траумите што ги нанесе десетгодишната агресија.
Да се говори за мир, без да се говори за воено ослободување на Украина, звучи крајно цинично, бидејќи се занемарува реалноста.
Украина, со помош од западните сојузници, конечно доби можност да се спротивстави. Но без продолжување на таа поддршка, без калкулации и политички маневри, победата до конечно ослободување на оваа голема и горда европска земја, ќе биде доведена во прашање, а со тоа и демократијата, мирот, стабилноста и прогресот во целиот свет ќе бидат трајно загрозени, ако не и уништени.
Овој текст ни оддалеку не ги занемарува другите кризни и воени жаришта во светот, а најмалку се занемарува крвавиот гибел на илјадници палестински цивили во Појасот Газа, кој уследи по грозоморниот акт на терор на Хамас на 7 октомври 2023.
За жал, светот, како и многупати досега, не успева да види дека, со игнорирање на реалноста, мирот станува само уште повеќе неизвесен и кршлив. Тоа игнорирање во минатото доведе до светски војни. И во денешно време, калкулирањето и компромисите со милитантните диктатори, доведуваат до војна, а не до мир.
Режимите како оној на Путин токму тоа и го очекуваат – нерешителност и попустливост на меѓународната заедница – за продолжат со својот злосторнички поход.
Колкупати треба да се повтори дека руската агресија против Украина е насочена истовремено против мирот и на Блискиот Исток и во земјите на Западен Балкан, и во Африка и во Јужна Америка… Против демократијата во светот воопшто! Путиновата клика го дестабилизира светот преку хибридното војување, со уцената со енергенси и со храна, со жестоки пропагандни кампањи и дезинформации со кои се нанесува трајна штета врз демократските општества.
Со грозната и крвава закана против светот, со нуклеарните закани и со поттикнување на нови воени жаришта, Кремљ се обидува да ја избегне одговорноста за неизмерните насилства. Очигледни се неговите намери за истребување на украинската нација. За тоа отворено и гласно говорат пропагандистите во руските државни медиуми. Путин мисли дека може да се извлече од одговорноста со предизвикување на уште повеќе страдања. Тој се надева дека еден ден, кога ќе седне на преговарачката маса, злосторствата и уцените со нуклеарен Армагедон ќе му донесат предност.
Решение?
Десетте точки на Формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Нема алтернативи за овој мировен план. Украина е единствената земја која може да ги постави условите за мир, бидејќи таа се бори против воена агресија. Никој друг не може да дефинира како изгледа праведен и одржлив мир за земјата која десет години е измачена од брутална агресија и две години е под целосна воена инвазија. Било која иницијатива од други држави за мирно решение можат да се засноваат само на украинската мировна формула.
Но мирот не може да се постигне без учество на сите општествени ентитети, заедници, групи, организации и – поединци.
Обединување против злото, отелотворено во злосторничката клика на чело со Путин. Секој човек има обврска да застане во одбрана на правото за мирно и достоинствено живеење во демократски и праведни општества. Оние што држат до сопственото достоинство и човечност, имаат обврска да се спротивстават на секоја криминална банда која сее поделеност, омраза, насилство. На секоја точка на светот каде што се води борба против оние што се жедни за власт и моќ на сметка на човековиот живот и достоинство, истовремено се на фронтот против злосторникот од Кремљ. Затоа што тој ги инспирира, а многумина од нив и ги спонзорира.
„Сторителите на злосторства против човештвото и архитектите на злото, деструкцијата и геноцидот мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Тоа е човечка и цивилизациска обврска!“ – пишува во едно соопштение што го напишавме во ЦИВИЛ, македонска граѓанска организација, која дава пример во светски рамки во која насока треба да оди размислувањето, разбирањето и акцијата во полза на светскиот мир.
Ако на злосторниците им се спротивставиме со еуфемизми и понизни покани за дијалог, тие само ќе се охрабрат и ќе ја продолжат својата злокобна мисија.
Не еднаш сум напишал дека верувам во вредноста на секој поединец. Затоа и ги пишувам овие редови.
Прашање за секој човек на оваа планета е дали ќе остане нем, слеп и глув (и глупав) пред опасноста ова да биде последната војна пред уништувањето на светот. Или ќе направи нешто да го сопре побеснетиот воз на диктатурата и воените агресии. Мора да се запомни:
Уништувањето на демократијата е еднакво на уништување на светот. Тоа е смрт. Затоа, Путин не смее да победи, но не смее да победи ниту путинизмот.
Слава Україні!
Перемога України!
Преземено од Цивил Медиа