Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Тема на денот“ на телевизија Сител, предупреди дека вториот пензиски столб е ставен во ризик и дека власта размислува да посегне по средствата што граѓаните ги издвојуваат за своите идни пензии.
Филипче потсети дека во време на Владата на СДСМ пензискиот систем се менаџираше одговорно и имаше методологија со која пензионерите однапред знаеа колкаво зголемување ќе добијат.
„Пензискиот фонд се менаџираше добро, се воведе методологија за раст на пензиите и пензионерите точно знаеа колку ќе им биде зголемувањето на пензијата, затоа што беше врзано со трошоците за живот и со просечната плата“, рече Филипче.
Тој предупреди дека денес власта отвора прашање што директно ја загрозува сигурноста на идните пензионери и дека се разгледува можноста да се земат средствата од вториот пензиски столб.
„Што сега се случува? Вториот пензиски столб е ставен во ризик. Сакаат да ги земат парите. Оваа власт тоа се обидува да го направи. Да ги земе парите кои што граѓаните ги уплаќаат за да имаат сигурни пензии. И тоа се најавите. Замислете, има формирано работна група да го евалуира тоа. Да ги земат парите од кои што идните пензионери ќе земаат пензија. Тоа се разгледува во Владата“, рече Филипче.
Филипче во интервјуто посочи дека пензионерите не ги чувствуваат математиките на премиерот за зголемување на пензиите.
„Последно што слушнавме од Мицкоски е дека пензиите растеле со 325%, подобро или повеќе, или како и да го формулира, од времето на Владата на Социјалдемократскиот сојуз во Македонија. Па, зарем тој мисли дека се пензионерите наивни?“, рече Филипче.
Филипче посочи дека паралелно со несигурноста околу пензискиот систем, граѓаните денес се соочуваат и со пад на животниот стандард, високи цени и недостиг на конкретна помош од Владата.
„Не испорачуваат резултати никаде, не испорачуваат ништо во делот на економијата, во делот на стандардот на граѓаните. Стандардот тоне. Платите не се покачуваат, цените се до плафон. Луѓето не можат да преживеат“, рече Филипче.
