Колку се „стопи“ илјадарката за десет години?

Илјада денари се исти и денес и пред десет години, барем на банкнотата. Но, она што може да се стави во кесата со тие пари веќе не е исто. Ако во 2016 година сте влегле во продавница со 1.000 денари, за приближно истата количина стоки и услуги денес би ви биле потребни околу 1.500 денари.

Тоа значи дека за една деценија илјадарката изгубила приближно една третина од куповната моќ што ја имала во 2016 година.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека 2016 година била речиси невообичаено мирна година за цените. Трошоците на животот тогаш биле дури за 0,2 проценти пониски отколку во 2015 година.

Промената во првите години потоа била релативно бавна. Вистинскиот пресврт дојде по 2021 година. Инфлацијата во 2021 изнесувала 3,2 проценти, во 2022 дури 14,2 проценти, а во 2023 уште 9,4 проценти. Во 2024 трошоците на животот пораснале за 3,5 проценти, а во 2025 за дополнителни 4,1 проценти.

Токму тие неколку години направија најголема разлика во она што денес можеме да го купиме со банкнота од 1.000 денари.

Старите ценовници добро ја покажуваат промената. Во 2016 година литар трајно млеко со 3,2 проценти масленост се продавал за околу 50 денари, а едно јајце за околу осум денари. Во Скопје пред Велигден истата година килограм ориз се продавал за околу 70 денари, доматите биле околу 70 денари за килограм, краставиците 35, а јаболката Ајдаред само 17 денари за килограм. Табла од 30 јајца чинела меѓу 120 и 150 денари.

Преведено во една илјадарка, со 1.000 денари во 2016 година можеле да се купат околу 20 литри млеко или околу 125 јајца или повеќе од 14 килограми ориз по тогашните наведени цени. Секако, никој не ја троши целата илјадарка на еден производ, но токму ваквата споредба наједноставно покажува колкава тежина имала банкнотата пред десет години.

Денес таа многу побрзо исчезнува на каса. Само половина килограм кафе во актуелните понуди може да чини околу 250 денари, килограм свинско месо околу 300 денари, а килограм кравјо сирење повеќе од 400 денари. Три вакви производи веќе можат да ја потрошат речиси целата илјадарка.

И тоа не е само впечаток од маркетите. Индексот на трошоците на животот покажува дека за кошничка од стоки и услуги што во 2016 година чинела 1.000 денари, денес би биле потребни приближно 1.500 денари.

Тоа не значи дека секој производ поскапел за 50 проценти. Кај некои производи растот е многу поголем, кај други помал. Индексот ја покажува просечната промена на цените на стоките и услугите што ги користат домаќинствата.

А растот на цените сè уште не е запрен. Последните податоци за 2026 година покажуваат дека трошоците на животот продолжуваат да бидат повисоки во споредба со претходната година, додека храната е меѓу категориите кај кои растот останува особено видлив.

Затоа разликата меѓу 2016 и 2026 можеби најдобро се објаснува без економски термини и проценти: она за што пред десет години беше доволна една илјадарка, денес во просек бара уште една петстотка.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?