NLB Групацијата склучи договор за купување 25,66 отсто од акциите на Дежелна банка Словенија, со што планира да влезе во сопственичката структура на словенечката банка.
Договорот е склучен со Скупина ПРВА и нејзините поврзани компании, кои поседуваат акции во Дежелна банка Словенија преку инвестициски и пензиски фондови.
Завршувањето на трансакцијата зависи од добивањето на потребните регулаторни одобренија, а од NLB очекуваат процесот да биде завршен најверојатно во втората половина на 2027 година.
Групацијата во исто време ја разгледува и можноста за купување дополнителни акции во банката, што значи дека не е исклучено нејзиниот сопственички удел дополнително да се зголеми.
Од NLB посочуваат дека една од причините за инвестицијата е силната позиција на Дежелна банка Словенија во земјоделскиот сектор.
Главниот извршен директор на NLB, Блаж Бродњак, оцени дека обезбедувањето стабилен домашен синџир на снабдување со храна станува сè поважно стратешко прашање, а земјоделците, производителите на храна и агро-прехранбените компании имаат значајна улога во словенечката економија.
Според него, со влезот во Дежелна банка Словенија, NLB сака дополнително да ја зајакне својата системска улога на словенечкиот пазар.
Дежелна банка Словенија е особено ориентирана кон земјоделството и руралниот сектор, што ја прави интересна за NLB во рамките на нејзината стратегија за проширување на банкарското работење.
Доколку трансакцијата ги добие сите потребни одобренија, NLB ќе стане сопственик на повеќе од една четвртина од акциите на банката.

