Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Приказна за лов на елен

Фабулата „Лов на елен“ сугерира дека за да се „улови елен во Македонија потребни се повеќе „ловци“. Но, за нашиот случај е особено интересно што би претставувал зајакот.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Приказната за ловот на елен нема некоја особена фабула, но позната е затоа што прв пат ја споменува Русо пред да прерасне во – игра. Во теоријата е позната само како „Лов на елен“, иако и зајаците се многу важни како извесен вид на антипод на целта за уловување на еленот. Но, нагласокот е на еленот затоа што е метафора за обединување околу тешка цел, несоодветно тешка за еден пештерски ловец, цел која бара заеднички напор од повеќе луѓе. Уште тогаш било јасно дека таа ситуација е веќе неизбежно честа и ќе се појавува и во иднината. Еве ја и во Македонија. Еленот е ЕУ, потребни се повеќе „ловци“ да се „улови“ тој елен.  За нашиот случај е особено интересно што би претставувал зајакот, но прво, еве како изгледа проблемот со називите „елен“ и „зајак“.

Имено, двајца ловци, со свои фамилии за кои треба да обезбедат храна, одат во лов. Тие можат да уловат: или елен – ама само заедно, или, пак, секој од нив индивидуално – зајак. Еден ловец не е доволен да улови елен и секој таков обид е однапред пропаднат. Зајак, секој посебно може да си улови. Ако двајцата ловци си го одржат зборот еден на друг дека ќе ловат елен, тогаш сигурно ќе го уловат, ќе го довлечкаат заедно до дома и ќе го поделат големиот плен. Двете фамилии така би биле обезбедени со храна за подолго време, што сигурно е добра мотивација ловците да си го одржат зборот меѓусебно. Проблемот настанува кога едниот ловец од некои причини ќе го извиси другиот и тргне да лови зајак. Тогаш другиот не може сам да го улови еленот, па за да не остане без ништо, мора и тој да лови зајак. Но, зајак не е толкав плен како големо парче еленско и гладот бргу доаѓа. Причините за извисување може да се разни – можеби мисли дека му е премногу ризичен ловот на толкаво животно. Или, не е сигурен во другиот, па посигурно му е да лови зајак. Или, можеби се откажува од елен за да го зафркне другиот, можеби се конкуренти за нешто друго, па ова му е прилика да му наштети. Бидејќи, ако другиот веќе се обидува да улови елен, нема да успее, а не стигнал да улови зајак, па од таа страна фамилијата ќе изгладни. Односно, нелојалниот го тера извисениот да игра по неговите ноти, па извисениот би бил принуден да лови зајак, ако му останало доволно време и енергија.

Сепак, да го извисиш другиот може и да не е лесно, зависно од моќта на убедување на првиот ловец да се лови елен, а богами и од надворешни набљудувачи – морални проценители. Може да изгледа нечесно после ветување за „да“, после да е „не“. Исто, ако едниот ловец се наметне, „Брат, има да ловиме елен, не биди глупав, каков зајак, во заб ќе ти застане“ итн., другиот ќе изгледа како кукавица ако откаже таква слава – лов на големо животно! Преговорите пред ловот, така, имаат елементи од играта „Кој е кукавица“. Таа ни е позната од филмот со Џејмс Дин (а и од „Враќање во иднината“): Двајца возат еден спроти друг (или во трка), со огромна брзина и кој прв скривне е кукавица, а кој оди право ризикувајќи дури и судар – тој е храбриот. Така, овој што е уверен дека треба да се лови елен, јасно е дека одлучил да ја тера поризичната работа севкупно: Прво, ловот на големо животно носи поголеми ризици отколку на помало, а второ, најголемиот ризик е уште пред ловот преговарајќи со другиот ловец, бидејќи цената што може да ја плати ако другиот го извиси – е да остане гладен сосе фамилија. Другиот во секој момент може да се тргне од договорот и, практично да ги наметне своите „ноти“ – секој посебно да лови зајак, оти самиот трга да лови зајак. Ако проблемот е во довербата, цврстата увереност на едниот дека треба да се лови елен (дури и извршување на дел од работата за таа цел), би требало да влијае на другиот како осигурување дека првиов нема да се откаже, па затоа може да се приклучи без многу секирации. Вистинскиот проблем настанува кога причините за тргнување кон лов на зајак се неморални, особено кога веќе прво ветил дека ќе биде партнер за лов на елен, но намерно сака да го остави на цедило другиот. Што, по себе, е баш злобно.

Во нашава ситуација, продолжувањето на преговорите со ЕУ е „еленот“, не само заради едноставната паралела дека продолжеток на преговорите се постигнуваат заеднички. Всушност, така „елени“ се и едно чудо закони кои се носат со 2/3-ско мнозинство. Метафората е уште поточна ако се земе предвид и претходницата со натегањето да се „лови еленот“. Проевропските сили тргнале (во „ловот на елен“, т.е. кон ЕУ) толку право, што ВМРО-ДПМНЕ веќе мораше да скривне од својата спротивно насочена, антиевропска патека. На пример, уште во 2022 г, пред претседателката на ЕК во македонското Собрание ја извади паролата – „Да за ЕУ, не за асимилација“. Од аспект на антиевропство ова би било кукавичка парола, т.е. скривнување со воланот од својата антиевропска патека, бидејќи соочени со претставник од ЕУ, одеднаш е „Да за ЕУ“, откако излегоа со маици на кои пишува само „НЕ“ и куп простачки пароли и говори против ЕУ. Дека е скривнување во играта „Кој е кукавица“ потврдува и оправдувањето со невозможност т.е. „асимилацијата“. Тоа го прават 5-годишните деца за да си ја зачувуваат гордоста кога си го правдаат премислувањето пред авторитет „Добро ќе јадам гравче, ама, ако ми порасне големо стебло грав од стомакот, тогаш…?!“

Ако се гледа исклучиво со про-европски очила, стратегијата на партијата би спаѓала само во големата игра, „Лов на елен“, каде што ВМРО-ДПМНЕ го игра ловецот кој не покажал сигурни знаци дека е партнер за „лов“ на ЕУ, т.е. во секој момент може да се премисли од ветувањето за ЕУ и да тргне по „зајак“. Тоа автоматски го прави послабиот ловец, во „ловот на елен“.

Ако се гледа исклучиво со про-европски очила, стратегијата на партијата би спаѓала само во големата игра, „Лов на елен“, каде што ВМРО-ДПМНЕ го игра ловецот кој не покажал сигурни знаци дека е партнер за „лов“ на ЕУ, т.е. во секој момент може да се премисли од ветувањето за ЕУ и да тргне по „зајак“. Тоа автоматски го прави послабиот ловец, во „ловот на елен“. Но, причините за невклучувањето во „ловот на елен“ се расчистуваат бргу – може да се исчитаат од тоа што на вакви „ловци“ им пречат набљудувачи (меѓународните претставници, на пример). Имено, со оглед на започнатите преговори со ЕУ, документираната зачуваност и промоција на македонскиот јазик, традиција и историја – односно со големиот влог во уверувањето од страна на проевропските сили дека треба да се „лови еленот“, веќе ништо не останало со што ВМРО-ДПМНЕ би можела да се уверува од било кого, доколку страдала од недоверба кон другиот. Односно сѐ е чисто за да се приклучи без страв дека ќе биде оставена на цедило. Со исполнувањето на сите услови, останувањето на ВМРО-ДПМНЕ тековно непридружена во „ловот“ на ЕУ, ја зголемува веројатноста дека ја применила нечесната опција за наштетување на другиот. Сите симптоми се тука – праќа курири (и својот шеф) по медиуми, да јавуваат дека не е точно дека е против „лов на елен“, но сепак, не е сигурно дека ќе соработува во ловот на елен. Затоа, меѓународните претставници го повикуваат шефот да се изјасни, да покаже како ВМРО-ДПМНЕ ќе го „лови еленот“, доколку планот што тековно го тераат про-европските сили, не ѝ изгледа доволно добар на ВМРО-ДПМНЕ. Но, сите инсистираат за план кој е „доволно добар“ – не за други работи, туку за остварување на целта да се пристапи во ЕУ за најбрз можен рок. Тоа е „еленот“ впрочем.

Меѓународните претставници со право се сомневаат во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, доколку не се изјасни со поефикасен план за остварување на целта – пристап кон ЕУ, тогаш многу е оправдано ВМРО-ДПМНЕ да биде гледан како анти-европски елемент, а не само влечкав проевропски.

Односно, меѓународните претставници со право се сомневаат во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, доколку не се изјасни со поефикасен план за остварување на целта – пристап кон ЕУ, тогаш многу е оправдано ВМРО-ДПМНЕ да биде гледан како анти-европски елемент, а не само влечкав проевропски. Заради нефер-плејот во договарањето „лов на елен“, правилно е да се гледа низ предиграта „Кој е кукавица“. ВМРО-ДПМНЕ развиваше и дословно антиевропска судирачка брзина повеќе пати, на пример со „Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ“, а потоа повеќе пати го свртуваше воланот со про-ЕУ приказни: „ВМРО-ДПМНЕ ја смета за стратешка цел Македонија да стане член на ЕУ“, и тоа, откако се „издрдорија“ дека не се за „некаква унија“ која ги немала нивните вредности. Ова „топло“ од топло-ладното, е шизофрено умилкување кон меѓународните – со цел ВМРО-ДПМНЕ да не изгледа тотално нечесно со еднозначно тврдење дека нема да соработува во „ловот на елен“. Веројатно тука се лаже, бидејќи меѓународните претставници не се будáли. Ним, уште повеќе, им е јасно дека се отстранети сите елементи на недоверба (за македонскиот јазик, невозможноста за асимилација, итн.) и останува само нечесноста кон другиот „ловец“ како мотив на ВМРО-ДПМНЕ, што води кон „лов на зајак“. Но, најважно, сепак ВМРО-ДПМНЕ не ја наметнала својата стратегија – секој од „ловците“ да „лови зајак“, иако ја преферира токму таа стратегија – автоматски антиевропската. Но, зошто му се исплатува да „лови зајак“, што е преводот на „зајак“ во македонското општество?

За да се одговори на тоа, мора прво да се навлезе во значењето на „еленот“, па потоа да се насети антиподот на тоа. Имено, воведување на европските стандарди во општеството значи и воведување на стриктност во мериторноста, а тоа е она што сите, од сите провиниенции, обожуваат да го кажат – „Да се воведе ред“. Стандардите на ЕУ се осмислени да бидат фер-плеј за проблематиката што ја решаваат, така што, ем се решава одредена проблематика воедначено во широк опфат, ем секоја индивидуа да се чувствува дека е дел од систем во кој има мериторен ред. Звучи привлечно – кој не би го сакал тоа?! Веројатно не се работи за сакање-нејќење, што се однесува до граѓаните, а ниту за недоверба во воспоставување на таков систем. Можно е дека се работи за некој вид на уверување на немоќ кај граѓанинот, односно тоа е уверувањето на граѓанинот дека на индивидуално ниво не може да ги оствари сопствените цели преку настојување да се воспостави широк систем за сите, туку исклучиво преку – „врски“. Постои раширено уверување дека индивидуата има сила да ги менува работите на подобро за себе само преку „пријатели“, а борба за воспоставување на систем за сите би било залудно губење енергија, можно само за некоја мала „елита“. Но, системот е веќе постоечки, измислен е, земјите на ЕУ функционираат со тој систем. Што е проблем да го „преснимиме“ овде, кога веќе ни се нуди?

Ваков систем на мериторност, да забележиме, има тенденција да ги отстранува токму „зајаците“– тоа се мрежите од „пријателства“ за услуги „на директна линија“. ВМРО-ДПМНЕ, во прислушнуваните разговори, разбравме дека претставува, во суштина, картел од „зајаци“. ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се реформираше оттогаш, така што во сила е нејзината суштина на централа од „зајаци“ за клиентелата. Се разбира, овој концепт на мали мрежи и клиенти го има во сите организирани структури – тешко е да се поверува дека, на пример, ниедна друга партија не го знае и не го применува овој концепт. Но, кај ВМРО-ДПМНЕ, концептот е издигнат да парира на целосен, широк систем. ВМРО-ДПМНЕ бара матрицата од мали мрежи со клиенти да биде комплетен систем, сосе институциите на државата. За неа тоа не се низа затворени подмрежи од кои ѝ е незгодно, напротив – специфично во мрежите припадни на ВМРО-ДПМНЕ ништо не мора да има ни форма на мериторно, ако актерите се потврдено – припадни. Односно, зборот „картел“ за ВМРО-ДПМНЕ е сосема на место од економска гледна точка: Суштината во дефиницијата на картел е во договорноста за заемна неконкурентност, што ВМРО-ДПМНЕ ја обезбедува со навистина вредното и стриктно менаџирање на цела матрица мали клиентелни мрежи. Конкурентството меѓу малите мрежи природно се јавува, така што огромен дел од ресурсите и енергијата на оваа организација оди во компензирањето за да ја одржи картелската рамнотежа.

Пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ е базирана токму на контрастот што сите други партии го содржат во однос на малите мрежи со клиенти, контраст кој само во ВМРО-ДПМНЕ не постои. Секоја друга организација, (а така и партија) на некој начин, „ја болат“ нејзините мали мрежи и официјално, ги третира како туѓо ткиво, јавно се обидува да се дистанцира. Сите, освен ВМРО-ДПМНЕ, која всушност ја гарантира матрицата од мали мрежи – како систем! Зошто да не – во земја од нецели 2 милиони, како што лесно се утврдува според логаритамската формула на Ватс и Строгац, степенот на контакт тешко достигнува 4, најчесто е 3 (ја пренесов формулата во една колумна – за колку степени на контакт просечно има една единка со другите единки од даден колектив). Односно, кого и да изберете за проверка колку контакти до него сте разделени („колаборациона дистанца“ е стручниот назив), ќе наброите одвај 3 личности меѓу вас, а најчесто само две.

Многумина, не само од ВМРО-ДПМНЕ, го сметаат овој заклучок за дефинитивен – во Македонија сме инцестуозно „пријателски“ исповрзани, и секој ден можеме да ловиме „зајаци“, т.е. еден-на-еден да си ги „завршуваме работите“ какви и да се – кому му треба „елен“?!

Многумина, не само од ВМРО-ДПМНЕ, го сметаат овој заклучок за дефинитивен – во Македонија сме инцестуозно „пријателски“ исповрзани, и секој ден можеме да ловиме „зајаци“, т.е. еден-на-еден да си ги „завршуваме работите“ какви и да се – кому му треба „елен“?! Уште повеќе што, дури и да е спремен европскиот систем за нас, индивидуалната одговорност пред мериторните услови се доживува како егзистенцијален товар – ако не успеете да бидете одличен ученик, одличен студент, одличен работник, итн. – тогаш излегува дека самите сте си виновни и еден мериторен систем со ЕУ-стандарди не би ве поддржал, би ве оставил да „изгинете“ во напорна и слабо наградена работа, ако воопшто ја добиете. Обратно, ако влезете во матрицата од мали мрежи, не се бара одличност, туку само лојалност и дозволено е да не се трошат лични ресурси за одржување на истата (што повлекува и дека претежно нема да се трошат лични ресурси, туку ресурси од друг колектив – институционални, државни, од црни „млечни крави“, итн.) Лојалност, без оглед кого зафркнувате, бидејќи да бидете зајачко опавче во мрежа од „зајаци“ е многу подостижно за остварување на секоја лична цел, отколку да се исполнат фер стандарди. Моралните стандарди и вредности така стануваат старовремски виц во картелот. Ваков картел ви гарантира колаборациона дистанца од барем 2, секогаш (секого знаете преку 1 контакт), бидејќи „вашата мрежа“ би била секогаш голема, да речеме 1000 директни контакти, а не, од 50 до 100, колку што најмногу, вообичаено, има индивидуа неповрзана во вакви мрежи. Така, како учесник во мала мрежа, според формулата на Ватс и Строгац, вашата колаборациона дистанца со секого од Македонија би била мала, често само преку една личност, бидејќи логаритам од 1.8 милиони луѓе, поделено со логаритам од 1000 контакти по индивидуа како член од мала мрежа, дава 2 – како да сте „братучед по пријателство“ со секого во Македонија.

Проблемот на картелот од „зајаци“ е во извлекувањето на реални ресурси од други колективи, што прави од државата Трагедија на Заедничкото: Сите го користат за себе (и за „братучедот“) расположливиот ресурс но никој не го одржува/надополнува тој ресурс. Картелот хронично страда од неморалност, мрза, некомпетентност, итн. бидејќи е формиран да нема морално оправдани ресурси. Затоа бргу се сведува на матрица од злоупотреби на службени должности, сѐ додека не се претвори во гола контрола на индивидуи (Г. Јанкуловска многу добро го опиша преодот во „бомбите“), до сѐ посилен и посилен авторитарен режим додека не се изеде сам себе после изглодувањето на коските на државата. Авторитарната контрола е многу гладна за ресурси и единствена надеж ѝ се „волонтери“ уверени во каузата на ваквата организација. Јасно, картелите како ОПЕК, на пример, или нарко-картелите немаат вакви неекономски компоненти и „волонтери“, бидејќи таму членството е со комплетна свест за реалната кауза, а компензацијата на сите свои членки е од економска природа, никаква психолошка. Картелот од организирани мали мрежи, пак, како што е ВМРО-ДПМНЕ, не може отворено да се претстави за јавноста и надворешните набљудувачи дека е картел со паразитска природа, па мора да стави квази-морална маска од „традиции“ итн. – претежно копи-пејст од стари десничарски вредности. Тоа е најчесто извртено во националистичка или расистичка маска („одбрана“ која се свела на дискриминација и омраза), со што воедно си обезбедува и ресурс на доброволна енергија од „волонтери“ за да не папса пребрзо. Тие лојални, заедно со „зајачкиот“ картел од измамени граѓани за учество во него, одеднаш се изненадени колку се знае за нив. Во 2015 г. бевме изненадени со само 20.000 телефонски следења, но овој концепт води кон 1.8 милиони персонални фајлови за контрола, сосема достижни денес, на мала меморија.

Стандардите на ЕУ воопшто не се „уравниловка“ или „шут-карта“ ако не се исполнат стандарди, туку се прилагодуваат на секоја социјална категорија посебно, а каде што треба, како за правдата, покриваат масовно.

Сега, некому може да му изгледа дека општеството може да се уреди само на два лоши начини – или со мериторни стандарди кои многу бараат од секого, или со суров авторитарен режим. Но грешката постојано се провлекува во неразбирањето на мериторните стандарди, веројатно заради премногу популаризираните примери на „мериторност“ во неолибералистичкиот капитализам, во кој сиромашниот си е виновен што е сиромашен. Но стандардите на ЕУ воопшто не се тоа. Тие не се „уравниловка“ или „шут-карта“ ако не се исполнат стандарди, туку каде што треба се прилагодени на секоја социјална категорија посебно, а каде што треба, како за правдата, покриваат масовно. Социјалните политики плус правилната распределба на правдата (Rawls-овски кажано) се сржта на ЕУ-системот од стандарди, со што мериторноста не само што не ја загрозува егзистенцијата, туку ѝ дава смисла – за секого е достижна, доколку ја обезбедува, без неморални компоненти. Наместо да е препрека, таа самата станува ресурс кој го надополнува целиот систем и воедно ги отстранува паразитските инсталации од вид на „зајачки“ картели. Имаме, практично, испробан систем за реверзија од Трагедијата на Заедничкото. На пример, секој ги истакнува Данска и Шведска како примери во кои системот со ЕУ-стандардите работи во својот максимум. Тоа се истите стандарди за кои нашиот „зајачки“ картел ВМРО-ДПМНЕ мами дека ги посакува. И тоа мами, со душегрижна наци-маска. Е, сега, кого мами, а кого мисли дека мами – е друго поглавје на дебелата книга со игри…

Треба да знаете
Moже да ве интересира