Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филип Јовановски: Целиот град за мене е сцена, а сите граѓани и жители се публика, изведувачи, корисници…

За Филип Јовановски,ко-креатор на АКТО, фестивал со 18 годишна традиција целиот град претставува сцена и неисцрпна инспирација, а сите граѓани се негови учесници. Тој е среќен што АКТО успеал да се одржи толку години иако почнал од домашни журки, дружења и неформални собирања.

Сака да раскаже уште многу приказни, а во периодот ќе се фокусира на приказната на рамкарот до Апче, преку кондураџијата Цокула зад универзална сала, низ просторот на тезгата во пазарот Буњаковец со домашните јабучари на чичкото од Раштак, па потоа низ просторот на бруталистичкиот градски архив на Константиновски до ѕидот/таблата на солидарноста во чест на соработката на Мексико и Југославија во изградбата на населбата Тафталиџе.

Кои се твоите најсреќни моменти и за што сонуваш? 

Филип: Вака од прва:  Добивањето на златната Трига на Прашкото квадриенале, 11-ти јуни, 2019 година во 21:47 часот,  и моментите потоа.  

Раѓањето на син ми Ведар, 15-ти април 2020 година 09: 23 часот, поточно многуте моменти потоа.  

Филип Старк викаше , јас сонувам, не работам”. Да се сонуваш е замка, после нема да се случи и ќе си ја  чукаш главата.  Затоа, можеби е подобро само да работи човек.

Што им должиш на родителите? 

Филип: Со Борис Бакал често зборуваме да направиме конференција „Како да објасниш на твојата мајка дека тоа што го работиш има смисла?“ Имав среќа што не требаше многу да им објаснувам на моите родители што работам. Најверојатно тоа им го должам.  

Работиш театарска сценографија, но се чини дека театарската сцена ти станува претесна. Поставуваш кулиси на зградите, или зградите стануваат театарски кулиси?  

Филип: Зградите, градот тоа е сценографија (на јавниот простор). Театарот за мене никогаш не бил (само) зграда и во таа смисла создавањето на театарски простор (за игра) за мене е простор кој треба да е создаден од процесите и релациите на одредена заедница, граѓани, жители, публика, изведувачи, корисници. Сцената  е јавен простор во кој треба да се играат одредени проблеми на заедницата, и кога таа е во сцена кутија (black box), но и кога е во јавен простор(плоштад). Она што мене ме интересира е како се создава простор кој иницира акција, динамика на одредена заедница и како користејќи сценски средства може јавниот простор да го трансформира во сцена каде проблемите на одреден урбан контекст стануваат „текст”.  

Така, изминативе години преку серија од интервенции киното во железничката зграда домче, Објектот на Пошта, Универзална сала, се трансформираа во сцена. Градот се трансформира во „сцена”.   

Која е приказната која сакаш следна да ја раскажеш? 

Филип: Сакам да ја раскажам приказната на рамкарот до Апче, преку кондураџијата Цокула зад универзална сала, низ просторот на тезгата во пазарот Буњаковец со домашните јабучари на чичкото од Раштак па потоа низ просторот на  бруталистичкиот градски архив на Константиновски до ѕидот/таблата на солидарноста во чест на соработката на Мексико и Југославија во изградбата на населбата Тафталиџе.  

Ме интересира приказната за изгубената модернистичка утопија раскажана низ призмата на тие што го живеат/ле градот. Ме интересираат градски простори кои создаваат наративи за некои изгубени или потенцијални нови (микро)заедници. Ме интересираат местата каде се создавала и/или губела солидарноста и потенцијалната моќ за здружување и колективно живеење кои тие простори може да го иницираат.  

Која зграда во Битола би ја искористил како сцена? 

Филип: Офицерски дом или зградата на стариот (срушен) театар. Или пак дворовите на улица Јорго Османо или Славко Лумбарко, тие „кријат” многу градски приказни. А во некои од нив веќе го правевме АКТО. 

Кому би сакал да му се извиниш и зошто? 

Филип: На станарите на железничка зграда за време на концерт на ФОЛТИН во октомври 2017 година кога го изведувавме перформансот „Кога зградите би зборувале”, а и а сите јавни настани во киното од 2015 година до сега,  за „гужвата” што им ја правиме сите овие години. 

Доколку како во времеплов би можело да се патува назад, кога и каде би заминал? 

Филип: Во Кабаре Волтер во Цирих, 1916 година, Да се сретнам со Хуго Бал, да каже  нешто за ДАДА движењето J. Можеби ќе го сретнам и Ленин кајшто пазари нешто во недела, бидејќи живеел неколку блокови подоле.  

Кои се твои херои во реалниот живот? 

Филип: Брат ми Алек, преживеа канцер со насмевка на стујуардеса која знае дека нешто не е во ред со авионот. 

АКТО е веќе возрасен фестивал. Дали знаевте каде ќе ве носи фестивалот кога го сонувавте? 

Филип: Тоа е интересно прашање ако се земе предвид дека АКТО е создаден од домашни журки, дружења, неформални собирања. Со еден збор без големи очекувања или како некој проект, туку повеќе од потреба на едно пошироко „друштво”. Иако пак од друга страна, уште кога правевме журки во станот на „Партизанска“ во Скопје(од каде што се роди АКТО) си мислев дека ова не е треба да биде само дружење, ова треба да значи нешто повеќе, да трае, да остави трага. Си дадовме „обврска” АКТО да се случува минимум еднаш годишно, секој август и таа „дисциплина” и ритам најверојатно ја одржа иницијалната приказна.  

Некако сум среќен дека АКТО низ годиниве се трансформира, опстои низ различни општествено политички предизвици. Многу нови луѓе станаа дел од АКТО и тоа ми прави ќеиф. 

Железничка зграда или Универзална сала?

Филип: Железничка, ради исклучителниот потенцијал на таа заедница/зграда/архитектура и простор кој зборува. Ради потенцијалот тоа место да стане градско јавно место за нови луѓе и приказни.. 

Универзална сала, ради претставата универзална сала во пламен – трагедија во шест декади, Претстава за потребата на нашето општество од катарза која треба да ни се случи. Ја изведовме на МОТ 2020 во пикот на пандемијата, претстава која би сакал да ја одиграме повторно. Александра Тодоровиќ (Трн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира