Со Американците рамо до рамо, се разбира

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Кога денес некого ќе прашате, која земја е најмоќна, сите ќе ви одговорат дека тоа е САД, односно Соединетите Американски Држави. Добро, во некоја смисла вие не може да го споредите античкото Римско царство со денешната Америка, ама сега зборуваме за модерните времиња. Америка денес е на врвот на својата сила. Не е тајна дека оваа земја има преку 800 воени бази низ целиот свет и преку 320 илјади војници надвор од својата матична територија. На „факт-чекер“ на „Принстон“ стои дека американската војска троши 37% од целиот глобален милитаристички комплекс. Втора е Кина, а и кога Кина би го зголемила својот воен буџет за 100 пати, повторно ќе биде втора. И тука, во перспектива, се гледа каде е САД, а каде се сите останати.

Имено, не би сакал во овој текст да одам со сувопарно набројување кој е кој во светската политика, ионака тоа е веќе познато. Би сакал да се потсетиме на сатиричната босанска досетка за Америка како империја: „Ајде да ѝ објавиме војна на Америка, па да изгубиме, и таа да не окупира“. Само што, од друга страна, Америка денес стана пребирлива, дури стана и безволен окупатор, што отвара простор за други кои се многу помалку пребирливи и многу повеќе навалентни, или едноставно никој повеќе не ги повикува во вицеви.

Шегата на страна, Северна Македонија последниве 5-6 години е важен стратешки интерес на САД, тоа се гледа не само во изјавите на нејзините официјални лица, туку гледаме дека и Белата куќа голем интерес гледа во нашата држава од перспектива на нашето зачленување во Европската унија. И никогаш, вака искрено и „нахално“ не се грижел САД за Северна Македонија, како што тоа го прави денес. И во конечноста – тоа е добро и ужасно важно.

Подобро да си имаме работа со САД и Американците, одошто да си имаме работа со Русите, Путин и нивните вазалски сателити. Е, сега, чисто политички: Американците не гласаат на нашите избори, туку гласаме ние, граѓаните на оваа земја. Во зависност од нашиот глас, такво ќе ни биде насочувањето на земјава од следната година па натаму. Ама важно е да се знае и тоа дека САД стои рамо-до-рамо со СДСМ и албанската партија ДУИ, отворено, недвосмислено и јасно. Зошто? Затоа што на американците им е важен Западниот Балкан и неговата Европска интеграција. Важни им се сите земји кои во својата конституција направиле (или се обидуваат да направат) мировни договори со своите соседи. Една од тие земји која покажа голем напредок е Северна Македонија.

Од земја која беше безнадежна, недемократска и киднапирана, денес Северна Македонија е демократска, плурална и во голема мера Европска: степенот на насилство е сведен на минимум, во земјата има огромна доза на демократичност, институциите на системот не се беспрекорни, ама не може да кажеме дека се киднапирани, се зголемуваат плати и носат инвестиции (што значи дека нема страв за инвеститорите), огромен број на слободи се уважуваат и почитуваат. И ако ова не го изнесеме како фактична состојба, тогаш значи дека сме базично нефер кон себе и државата во која живееме.

Најсвежиот пример беше вчера, во Кавадарци, кога амбасадорката на САД во земјава Агелер, го рече следното: „Тешките одлуки да се донесат до крајот на годинава“. Е, сега, сите знаеме што значи тоа, а богами и знаеме што значи тоа кога официјално лице на САД уште и ќе ни рече: „ако не се донесат Уставните измени, некој во Белата куќа и Конгресот сериозно ќе се запраша дали вистински Северна Македонија е посветена на Европските интеграции“.

Зборовите „дали“ и „сериозно“ (?) овде се клучни: ако сакаме поддршка, пари, ресурси, логистика, ние сите мора да смогнеме сили и престанеме да се зафркаваме со схоластички игри и го отвориме Уставот за влез на луѓе, без разлика што десницата на Мицкоски од тие луѓе создава предрасуди, патоси и фатуми. И многу добро знаеме зошто тоа го прави. Ако прифати влез на Бугарите во Уставот, Мицкоски ја губи до злабога досадната тема за „идентитетот“. Ако ја изгуби оваа тема, практично ќе биде соголен во политичкото поле: што би зборувал совршено безидејно и совршено глупаво по цели денови ако не е тоа политика на идентитети? Па уште и политика на (внимавајте на таа пратенциозност!) – колективни идентитети!? Демек тој го брани македонскиот идентитет, а некој друго го зема, или го троши, или го менува… Кој ќе ги знае како тие сомнабулии работат во нивните глави.

На самиот крај, подобро ќе ни биде со американците како сојузници, дури и кога вака ѓаволски се трудат за нашата земја. И овој „наметнат американизам“ во нашата земја нема врска со ништо друго освен со тоа што искрено се посакува на нам да ни биде добро. И тоа е нашиот најголем „македонски интерес“: да ги чуваме Aмериканците до себе, да го ставиме Бугарите во Уставот и продолжиме по патот што ќе нè одведе до Европската унија.

А Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ (ајде, бре, луѓе, нели научивме до сега!): тие секогаш се на погрешна страна од историјата, и не значи дека се на погрешна страна од историјата затоа што се неописиви незнајковици: не, тие само го следат својот длабок недемократски и антилиберален импулс.

Извор: Frontline

Треба да знаете
Moже да ве интересира