Македонските уметници Владимир Костов на виолина и Цветанка Созовска на чембало вечерва ќе настапат на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, со концерт посветен на барокната музика.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а билетите се по цена од 300 денари.
Созовска е една од македонските музичарки со долгогодишна меѓународна кариера во областа на старата и барокната музика. По дипломирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје, се усовршувала на Кралскиот конзерваториум во Хаг, каде специјализирала чембало и барокна музика. Повеќе од две децении живее и работи во Холандија, а настапувала низ Европа и во Јужна Кореја.
Владимир Костов дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје, а во текот на кариерата настапувал како солист и камерен музичар во Македонија и во повеќе европски земји, САД и Азија. Тој е концерт-мајстор во Македонската филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Вечерашниот концерт е дел од музичката програма на „Охридско лето“, која продолжува утре со настап на кинескиот пијанист Сонг Сихенг, исто така во „Света Софија“.
