По 18 години пауза Ролингстоунси со нов авторски албум

Ролингстоунси го објавуваат „Hackney Diamonds“, нивниот прв албум со оригинална музика по 18 години и прв по смртта на тапанарот Чарли Вотс, кој свиреше на две од песните. Албумот ќе излезе во продажба на 20 октомври.

Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд – преживеаното јадро на 61-годишниот бенд – се појавија на сцената во лондонскиот театар „Hackney Empire“ за да разговараат за снимањето, пред премиерата на спотот на синглот „Angry“, во кој се појавува актерката Сидни Свини.

Фронтменот Џегер (80) рече дека бендот е „прилично загреан“ за снимање нова музика. Албумот има современ звук, со мешавина од рок, балади, танц и призвуци на кантри, рече тој.

Ричардс, чие партнерство за пишување песни со Џегер е едно од најтрајните и најуспешните во рокот, рече дека смртта на Вотс во 2021 година го поттикнала бендот да снима нова музика.

„Мислам дека поради заминувањето на Чарли, почувствувавме дека сè уште постоиме и дека сè уште треба да го задржиме идентитетот и сепак да кажеме ‘Еј, тоа е рокенрол. Но, знаете тука сме’“, рече 79 годишниот Ричардс.

Поранешниот басист на Стоунс, Бил Вајман, новиот тапанар Стив Џордан, поранешниот Битлс Пол Макартни и Стиви Вондер беа вклучени во албумот, изјави бендот за радиодифузерите.

Вуд рече дека Макартни, кој свиреше бас на една песна, бил воодушевен за да снима со бендот, кој им конкурираше на Битлси во влијанието врз рок музиката во 1960-тите.

„Знаете, тој го сакаше тоа“, рече тој.

Наградуваниот продуцент Ендрју Ват го продуцираше албумот со 12 песни, кој беше снимен на локации како Лондон, Лос Анџелес и Насау.

Тројцата Стоунси – сите облечени во црно – пристигнаа со лондонско такси украсено со логото  на бендот. Џегер го плати билетот во готово.

„Не сакам да бидам дрзок, но немаше да го објавиме овој албум доколку навистина не ни се допадна“, му рече тој на американскиот водител на ток-шоу Џими Фалон на сцената.

Фановите ја чекаа објавата откако минатиот месец се појави криптична реклама во локален весник, со референци за некои од најголемите песни на Стоунс и името на новиот албум.

Извор: Reuters

Редакција Трн

Треба да знаете
Moже да ве интересира