Системот за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 12 октомври треба да започне со практична примена и на подрачјето на СВР Охрид, со што ќе бидат опфатени Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска при работна посета на СВР Охрид соопшти дека подготовките се во завршна фаза и дека во следните две недели треба да бидат завршени преостанатите активности околу командниот центар, неопходен за функционирање на системот.
„Начелно се договоривме со раководството дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври на целата територија на СВР Охрид“, изјави Тошковски.
Со тоа „Безбеден град“ дополнително се проширува во западниот дел од земјата. Системот од 1 февруари годинава се применува во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од коридорите 8 и 10.
Во Охрид и Струга поставувањето на камерите започна претходно, а опрема е инсталирана и на делови од патниот правец Охрид-Кичево. До целосното активирање, прекршоците регистрирани од камерите во новите подрачја не се санкционираат преку системот.
Според МВР, целта на „Безбеден град“ е автоматското евидентирање на сообраќајните прекршоци да ја зголеми дисциплината на возачите и да го намали бројот на сообраќајни незгоди. Тошковски најави дека проширувањето ќе продолжи и во други делови од земјата.
При посетата на Охрид, министерот информираше и дека соработката со ФРОНТЕКС, која досега е концентрирана на јужната граница, треба да се прошири и на западната граница. Почетокот на заедничките активности е најавен за почетокот на 2027 година.

