Да не се заборави: На денешен ден до смрт беше претепан Мартин Нешкоски

Нешкоски

На денешен ден пред 15 години, на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори, до смрт беше претепан 22-годишниот Мартин Нешкоски.

Еве како во телефонски разговор убиството го коментираа тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска (ГЈ) и директорот на УБК, Сашо Мијалков (СМ)…..

ГЈ: Ало? Кој испадна дека е убиениов?

СМ: Некој џанкер.

ГЈ: Добро, ама и тоа нека си се каже. Да се спомне дека уствари имал нарушено здравје…

СМ: Вината знаеш ја префрламе на него. Џанкер не џанкер, тоа е негова определба животна.

ГЈ: Да де да. Не добро, сега ние и да е џанкер не…

СМ: Го нема направено со умисла…

ГЈ: Не е решение…

СМ: Нити пак со сигурност сакал да го убие, тоа ти е. У таа гужва…Е сега за комуњарите, што да речам сега?

ГЈ: Нека пукнат!

Подоцна беше регистриран и разговорот меѓу шефот на тогашниот партиски агитпроп Мартин Протоѓер (МП) и, повторно, првата полицајка Гордана Јанкуловска (ГЈ):

МП: А, што е причината за убиството?

ГЈ: А бе, не е…види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе шо ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го видел уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици.

Директорот на Судска медицина Алексеј Дума обзнани дека „момчето починало поради крварење во мозокот, откако примил неколку удари во главата“, додека траела обдукцијата на Нешкоски во понеделникот наутро, до 12 часот и 30 минути, таму биле и претставници на МВР иако неколку часа порано на прес конференција портпаролот на МВР Иво Котевски изјавил дека „Таков настан воопшто не е пријавен во МВР и доколку имате какви било сознанија и информации ви стоиме на располагање за да го пријавите настанот.“ 

Полицијата уште два дена не ја признаваше смртта на Мартин Нешкоски. Истовремено семејството Нешкоски трага по својот син и брат.

Една година подоцна, самоубиство изврши таткото на Мартин Нешкоски, Драган Нешкоски.

Најчитано