Доживотен затвор за Трајче Бојковски за четири убиства и два обида

Основниот суд во Куманово го осуди 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане на доживотен затвор за четири убиства и два обида за убиство на жени. Пресудата е првостепена.

Бојковски е прогласен за виновен за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска. Делата биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година, а жртвите биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.

Првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во Клечовце, а второто во јуни истата година во Драгоманце. Во јануари и февруари 2026 година следувале уште две убиства во Старо Нагоричане и Челопек.

Во обвинението беа опфатени и два обида за убиство во Челопек. Во едниот случај нападнатата жена успеала да повика помош, по што напаѓачот избегал.

Обвинителството во завршните зборови побара доживотен затвор, посочувајќи дека делата биле извршувани на сличен начин и дека меѓу клучните докази биле ДНК-трагите пронајдени кај дел од жртвите и преживеаните.

Според обвинителството, психијатриското вештачење покажало дека Бојковски бил пресметлив и дека постои висок ризик од повторување на кривичните дела.

Одбраната побара судот да ги земе предвид неговата возраст, фактот дека претходно не бил осудуван и признанието за дел од кривичните дела.

Судот, сепак, ја прифати најстрогата казна и му изрече доживотен затвор.

На пресудата може да биде поднесена жалба.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?