Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во планирањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ, меѓу кои и милионски плаќања за опрема, материјали и услуги кои не биле ставени во функција или целосно искористени.
Ревизијата опфатила 27 постапки за јавни набавки, спроведени во периодот од 2022 до 2024 година. По нив, во 2024 година биле преземени обврски во вкупен износ од околу 143,6 милиони евра.
Еден од случаите се однесува на набавка на гасен мотор по постапка со преговарање без објавување оглас. За него биле исплатени околу 2,48 милиони евра, но ревизорите утврдиле дека моторот не бил ставен во функција и подолг период бил складиран без обезбедени услови за негово користење. ДЗР не можел да ја потврди ниту оправданоста за примената на постапката поради крајна итност.
Ревизијата утврдила и дека за набавка на адитив биле платени околу 2,29 милиони евра, при што најголемиот дел од количината останал неискористен и му истекол рокот на употреба.
Дополнително, околу 1,72 милиони евра биле платени за активности за дислокација на опрема која потоа не била ставена во употреба.
Слабости се констатирани и кај договорите за осигурување. Во 2023 година биле склучени договори во вредност од околу 5,8 милиони евра, а кај дел од нив вредноста подоцна била зголемена со анекси и покрај оценка на стручна комисија дека понудените цени не биле пазарни.
ДЗР утврдил и проблеми уште во фазата на планирање. Годишниот план за јавни набавки бил изработуван без соодветно истражување на пазарот и без доволно аналитички пристап при утврдувањето на потребите и проценетите вредности.
Во текот на 2024 година биле направени дури 19 измени на Годишниот план за јавни набавки, што според ревизорите негативно влијаело врз финансиското планирање, роковите, транспарентноста и предвидливоста на постапките.
Ревизијата покажала и висока концентрација на договорите. Шест економски оператори учествувале со над 70 отсто од вкупната вредност на договорите склучени во 2024 година, а во дел од постапките била доставена само една понуда. ДЗР оценува дека тоа укажува на ограничена конкуренција и зголемен ризик од неекономично користење на јавните средства.
Утврдени се и случаи во кои техничките спецификации можеле да упатуваат на конкретен производител или бренд, како и договори менувани со анекси без доволно образложение.
Во 2024 година бил надминат и законскиот праг за набавки без спроведување постапка, и тоа за 81.644 евра.
ДЗР дал препораки за подобрување на планирањето, контролата, конкуренцијата и транспарентноста на јавните набавки во ЕСМ.

