Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање порача дека антикорупцискиот закон ќе биде прв закон кој по следните избори ќе биде потпишан од него и имплементиран.
„Борбата против корупцијата е клучот и затоа и го промовиравме нашиот антикорупциски закон којшто после следните избори ќе биде првиот којшто сакаме да се донесе и да важи и да се имплементира“, рече Филипче.
Тој додаде дека само преку ефикасна примена на таков закон и тесна соработка со Европското обвинителство може да се обезбеди вистинска правда и да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Затоа што само со еден таков закон којшто ќе се спроведува во блиска соработка со Европското обвинителство, ние тука може да видиме вистинска правда и само на тој начин може да се врати довербата на граѓаните во правосудството“, рече Филипче.
Во одговорот Филипче нагласи дека борбата против корупцијата е клучниот столб во напорите за воспоставување правна држава, справување со авторитарните тенденции и забрзување на европската интеграција на државата.
Воедно, Филипче појасни дека како што на регионално ниво се гради соработка меѓу сестринските партии, организации и поединци кои споделуваат исти вредности, така и во државата преку Фронтот за вистина и правда ќе се обединат сите кои се залагаат за истите принципи.
„Трите столба се поврзани помеѓу себе и борбата против корупцијата е клучниот столб.Затоа, како што денешната меѓународна конференција ја иницираме на регионално ниво, така и на наше внатрешно политичко ниво го лансиравме и Фронтот за вистина и за правда и како што тука се собираме и партиципираат сестрински партии, поединци, организации кои што делат исти вредносни политики, таков ќе биде и концептот внатре во државата“, рече Филипче.
