Филипче: Прославата за независноста е голема проневера на пари

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата дека прославата на 35 години од независноста на Македонија претставува „една голема проневера на пари“ и побара целосно да се објават трошоците и договорите поврзани со организацијата.

Изјавата доаѓа откако беше објавено дека Државна лотарија била задолжена од Владата да ја организира и спонзорира програмата за годишнината, додека компанијата „Стардаст“, поврзана со „Авалон продукција“, била единствениот пријавен кандидат на јавниот повик.

Филипче оцени дека власта се обидува да создаде впечаток дека прославата не ги чинела ништо граѓаните, иако, како што посочи, Државна лотарија е компанија во целосна државна сопственост.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека настаните ги чинеле Буџетот и граѓаните „нула денари“ и дека биле финансирани од општествено одговорни компании. Телма, сепак, објави дека спонзор на настаните била Државна лотарија.

Јавно достапните документи што ги објави БИРН покажуваат дека Владата на 28 април ѝ ја доверила организацијата на прославата на Државна лотарија. Два дена подоцна бил распишан јавен повик според Законот за спонзорства и донации, а не преку системот за јавни набавки. Рокот за доставување понуди бил пет работни дена.

Во повикот биле наведени услови за ангажирање светски артист од „А класа“, уште една интернационална ѕвезда и најмалку 12 настани низ Македонија. Подоцна во рамките на програмата настапија Дејвид Гета и Хозе Карерас, а беа организирани и настаните „Силно светнал ден“.

СДСМ уште во јули тврдеше дека за прославата се обезбедуваат 300 милиони денари, околу пет милиони евра, од нераспределената дивиденда на Државна лотарија за 2024 година и бараше тие средства да бидат пренаменети.

Филипче сега повторно бара да се објави целосната финансиска конструкција, вклучително и колку чинеле настапите, продукцијата и останатите настани.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?