Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во следните две до три недели се очекува да го посети Скопје во рамки на регионална турнеја низ Западен Балкан, најави амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас.
Рокас изјави дека во изминатите месеци интензивно се работи на деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес и изрази надеж дека посетата на Фон дер Лајен ќе претставува важен чекор во тој правец.
„Во следните две до три недели ја очекуваме шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје како дел од нејзината регионална посета и се надевам дека нејзината посета ќе биде одлучувачки чекор“, изјави Рокас.
Европската комисија претходно потврди дека Фон дер Лајен подготвува посета на Западен Балкан, но на 7 септември соопшти дека програмата сè уште се усогласува и дека тогаш не можеше да потврди кои земји ќе бидат вклучени во турнејата.
Македонскиот евроинтеграциски процес останува блокиран пред отворањето на првиот кластер од преговорите. Од ЕУ и натаму посочуваат дека усвојувањето на уставните измени е услов за продолжување на процесот. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта при посетата на Скопје во јуни порача дека тоа останува патот кон формално отворање на преговарачките поглавја.
Во јули во Скопје престојуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која со македонските власти разговараше за реформската агенда, постепената интеграција во ЕУ и следните чекори во пристапниот процес.

