Кристина Костова, потпретседателка на Социјалдемократскиот сојуз, е личност со повеќедецениски партиски ангажман, по професија е лингвистка, а во интервју за Рацин.мк, таа ја отвора темата за клучните предизвици и можности за партијата, приоритетите за реформите и улогата на жените во политиката. Исто така длабински ги анализира политичкко – економските состојби во Македонија како и проекциите за земјава на европскиот пат. Според Костова, патот кон зајакнување на довербата внатре во партијата и кон граѓаните бара искреност, визија и силна посветеност кон решавање на актуелните проблеми.
Рацин.мк: Како ја гледате вашата улога како потпретседател на СДСМ и кои се вашите планови на оваа позиција?
-Како членка на СДСМ со дводецениски партиски стаж, која не прескокнувала скалила, туку посветено се борела во партијата, носењето на потпретседателската функција претставува особена чест. Но, лично сум убедена дека силата на една организација е во нејзиното членство, а не само во раководството. Оттаму, обврската која ја зедов беше токму во насока кон повторно воспоставување двонасочна комуникација помеѓу членството и раководството. Целта не е само да слушаме, туку и да ги послушаме нашите партиски другари и другарки кои сакаат да ги споделат своите предлози за подобро работење на различните структури на партијата или форми на организирање кои произлегуваат од истата, било да е тоа на ниво на месни одбори, општински организации, но и работењето на советничките и пратеничката група. Нашето членство е верзирано и добро упатено во процесите на градење политики и работење во рамки на и зацврстување на партиската структура, особено од аспект на логистичко и оперативно делување. Одамна сме констатирале дека кога СДСМ губи, не губи од туѓите, туку од своите, но јас би се надоврзала на оваа констатација со видувањето дека ставовите на членовите, особено оние изблици на незадоволство и разочараност од минатата година не смееме да ги игнорираме. Важно е да се препознаат изворите на незадоволство кои придонесоа за поразот во 2024 година, но и да се преземат конкретни чекори за истите да бидат отстранети. Меѓусебната доверба можеме да ја вратиме преку искрен пристап, прифатени сугестии базирани на издржана и конструктивна критика. Лошите практики да ги осудиме и да ги оставиме во минатото. Само така можеме повторно да ги освоиме поддршката и симпатиите на оние кои биле разочарани, па преку тоа обновено заедништво да се фокусираме на окуражување, охрабрување на членството и симпатизерите за одлучна борба против катастрофалните политики на Владата на ДПМНЕ.
Рацин.мк: СДСМ најави и веќе работи на сериозни реформи во партијата. На кој начин вие сте вклучени во овој процес и кои се најважните прашања кои според вас треба да се адресираат?
-Реформите и активностите се токму во насока на враќање на меѓусебната доверба, а тоа се остварува преку редовни средби со членството и слушање на она што тие имаат да го кажат. Во изминатиов период ние, претставниците на раководството, остваривме средби со членовите во сите општински организации. Мојот впечаток е дека и покрај незавидниот резултат од 2024 година, нашите другарки и другари не се откажуваат и имаат волја за работа. Поголема автономија во локалното организирање може да придонесе кон забрзано збивање на редовите. Оттаму, е особено значајно во периодов кој ни следува да се формираат општински раководства кои произлегуваат од локалните партиски авторитети и се препознаени во нивните средини како доблесни и чесни социјалдемократи, кои никогаш не застраниле од социјалдемократските, па ако сакате и поконкретно – сдсмовски принципи, а и генерално морални и етички граѓански вредности. СДСМ отсекогаш располагала со такви луѓе, кои не секогаш биле овенчани со ловорики после победа, но и тоа како знаат успешно да изодат трнливи патишта. Време е да им се даде шанса на искрените наши соборци кои ѝ мислат добро на партијата и на земјата.
Свесна сум за придобивките кои партијата може да ги види од новите членови и ентузијасти, но уште повеќе и од оние социјалдемократи чие долгогодишно партиско искуство е од непроценлива вредност. Наша задача е да воспоставиме баланс кој ќе служи како добра основа за понатамошната успешна работа.
Рацин.мк: Какви се плановите за локалните избори?
-За помалку од десет месеци се локалните избори, така што на краток и среден род, во фокусот на нашето внимание ќе бидат локалните случувања, потребите на граѓаните и предизвиците со кои тие се соочуваат во рамки на општините во кои живеат. Она што го видовме во изминативе три и пол години е дека градоначалниците од редовите на ДПМНЕ го задржале оној, за нив препознатлив, козметички пристап кон водењето на локалната власт. Помпезно ги парадираат ситните интервенции и завршувањето на сервисни, ремонтни и тековни активности, додека не покажуваат никаква визија за насоките во кои нивните општини треба да се движат во деценииве кои доаѓаат. Не реализирале ниту еден проект значаен за генерациите кои доаѓаат, а во најголем дел од градовите со огромна брзина одобрија претворање во сива, бетонска зона и кревање станбени згради без усул и план, што, пак, придонесува кон вештачко кревање на цените на станбените објекти. Наместо да ги решаваат постоечките проблеми, тие создаваат нови. Градовите се под опсада на градежната мафија, која е во изразена присност со дпмневските челници, сообраќајот во поголемите градови е хаотичен, особено во централните градски подрачја.
Затоа е важно за секоја Општина и за Град Скопје да понудиме реални и одржливи решенија за проблемите на граѓаните. Тоа можеме да го постигнеме само со цврсто збиени редови, искористување на сиот партиски кадровски и човечки потенцијал. Во средиштето на нашата понуда ќе бидат решенијата за проблемите, како и поставување визија за развој на општините во која секој граѓанин ќе може да се пронајде.
На подолг рок, пак, е важно структурно, ама и идеолошко јакнење на капацитетите. Тоа ќе значи поцврсто секторско вмрежување помеѓу општинските, воспоставување систем за препознавање и градење совесни чинители и користење колективни активности на пониски нивоа за да се спроведат потребните позитивни промени. Сето тоа треба да оди рака под рака со уште поголемо демократизирање на партијата. СДСМ е најдемократската партија која постои во земјава, но секогаш можеме повеќе и подобро на тој план. Така се постигнуваат најдобри резултати и за организацијата, ама уште поважно и за државата.
Рацин.мк: Што мислите за тековните економско – политички предизвици во Македонија и какви реформи сметате дека се неопходни?
-После само седум месеци, гледаме дека Владата е неспособна, па дури и како да нема интерес, да се справи со економските предизвици. Цените на основните производи вртоглаво растат, одлеани се десетици милиони евра од џебовите на граѓаните, разликата помеѓу приходите и трошоците никогаш не била поголема, а растот на платите е стопиран. Нема откуп на оризот, укинати се субвенции за предадено јаболко, а откупот на тутунот се одвива со цени за околу 30% пониски од оние минатата година.
Сето тоа е „украсено“ со сомнителниот кредит од Унгарија, за кој граѓаните ќе плаќаат превисока камата, иако парите од истите се пласираат на компаниите. Кредит земен само за да им се даде „гориво“ за работа на дпмневските градоначалници, кои во изминатите три и пол години претураа од шупло во празно и не направија ниту еден суштински значаен проект во Општините кои ги водат, а сепак успеаја да си ги заглават „рачињата во медот“.
Само за споредба, за помалку од седум години владеење, СДСМ успеа да ја покачи минималната плата од 9.000 на 22.567 денари. Ветувањето за 500 евра просечна плата го надминавме, просечната плата на крајот од нашиот мандат изнесуваше 684 евра. Платите во основно и средно образование ги покачивме за речиси 60%, а значително ги покачивме платите во секој сектор. Стапката на невработеност двојно ја намаливме, во 2016 година беше 24.6%, а во 2024 12.4%. Значи, кога постои политичка волја за покачување на платите и подобрување на животниот стандард, тоа власта може да го направи. Проблем е што кај оваа власт не постои ниту трошка таква волја.
Рацин.мк: Што се случува со институциите, судството, патот кон ЕУ?
-За жал, неуспесите на Владата на ДПМНЕ не завршуваат на планот на економија. Институциите забрзано се партизираат со кадри од ДПМНЕ кои немаат ниту соодветни дипломи, или по непотистички клуч – со блиски роднини на дпмневските функционери. Сагата со назначувањето на партискиот апаратчик Христовски на чело на АНБ зазема алармантни размери. Скандалите кои произлегоа поради неговото сомнително образование, недостаток на елементарни квалификации, упадот во и корумпирањето на ДКСК, се само вовед во оваа втора, „надградена и проширена“ верзија на режимско дејствување на ДПМНЕ преку безочна узурпација на институциите и потиснување на слободниот говор и мисла. Безбедноста на граѓаните е сериозно намалена: бегства на криминалци, запалени возила, триесетина престрелки и пукотници, десетина убиства и обиди за убиства, секојдневни пресметки помеѓу криминални групи се јасен доказ за тоа. Брутално се партизира судството, а притисоците врз Судскиот Совет, заканите кон судии и обвинители се дел од стратегијата на Мицкоски и ДПМНЕ за целосна партизација на институциите и повторно заробување на судството и враќање на режимот. Се случија скандалозни помилувања на нарко-босови и осудени криминалци. Загрижувачки статистики за смртност на бебиња само во изминативе шест месеци. Сето тоа зачинето со вештачко создадени меѓуетнички тензии, како обид за дефокус од силниот набој на неуспеси.
Во ваков општествено-политички контекст, власта на ДПМНЕ дозволи и Албанија да не претрка на европскиот пат. Калкулациите и постојаните промени на ставовите на Мицкоски и ДПМНЕ создаваат сериозни сомнежи за нивната искреност и за постоењето јасен план за евроинтеграциите.
Потребна ни е власт која вистински ќе се грижи за подобрување на животниот стандард на сите граѓани, а не само за привилегиите на неколкутемина големци блиски до ДПМНЕ. Потребна ни е власт која ќе ја извади Македонија од изолационистичките канџи на дестабилизирачките сили.
Рацин.мк: Како гледате на улогата на жените во политиката во Македонија, дали имате предлози со мои ќе се подобри нивната застапеност и влијание?
-Како и во сите други општествени области, така и во политиката, жените се постојано опсипувани со омраза и зајадливост. Ова е една несреќна реалност за жените насекаде во светот, во сите полуги на власта. И после сите воведени квоти и декларирани заложби за рамноправност, останува фактичката состојба во која малтретирањето на жените, како физичко, така особено и вербално, продолжува да биде културолошки стандард. Станува збор за структура на моќ која поддржува таа своевидна неказнивост за насилство и насилнички јазик кон жените. Тоа е одраз на мизогините ставови кои се негуваат во општеството, дотаму што честопати ги гледаме и интернализирани од страна на некои жени. Проблемот е сеопфатен, па затоа и пристапот кон негово решавање треба да биде широк и инклузивен. Тоа значи дека за подобрување на застапеноста и влијанието на жените во политика, мораме да се погрижиме жените да излезат од приватното и активно да се вклучуваат во јавното, на секој план. Тоа значи активно да се залагаме да обезбедиме пристап за сите жени кон поголеми можности за раст и развој во областите кои тие ги избираат, за стекнување со соодветни вештини и способности кои се важни при преземањето одговорности надвор од домот. Таквите заложби треба да започнат уште во најраниот образовен процес. Затоа се залагаме за препознавање на дискриминација по основа на род во образовниот процес; со препознавање на истата имаме легитимно право да бараме системска борба против овој вид на дискриминација. Понатаму, мораме да работиме на тоа да ставиме крај на дискриминацијата против мајките, особено на мајките кои работат и сакаат да градат кариера, а истовремено да градиме систем кој ќе им овозможи на сите нови мајки да имаат поголема флексибилност и полесно воспоставување баланс помеѓу работниот, семејниот и социјалниот живот. Да обезбедиме, ама и да прифатиме дека за жените има повеќе опции од брак или семејство. Да ги гарантираме репродуктивните права и телесната автономија на секоја жена. Поголемата слобода за жените да се занимаваат со нешта од нивен интерес ќе се одрази позитивно и на застапеноста и зголеменото влијание на жените во политиката.
Сепак, е важно во тој процес да не се падне во стапиците на креативниот патријархат, без оглед дали се истите изразени во форма на сведување на женските форми на организирање на авто-гетоизирачки структури, или пак во форма на наметнување спротивставеност и кавгаџиство помеѓу две, по некој критериум, различни жени. Потребен е искрен, внимателен и инклузивен пристап во носењето политики и одржувањето на наративот за родова рамноправност, затоа што тие се на постојан удар од злонамерни демначи.
Рацин.мк: По толку многу години активност во СДСМ, што ви дава мотивација да продолжите да бидете дел од партијата?
Во мојата долгогодишна партиска работа и искуство, уште одамна имам дојдено до заклучок дека функциите се минлива работа. Она што останува се социјалдемократските вредности кои ги споделуваме и зацврстуваме, политиките кои ги градиме на основа на тие вредности, а за доброто на нашата заедница. Но, можеби уште поважно е што како вреден нуспроизвод од целата таа заедничка работа, произлегуваат големи другарства и силно чувство на припадност. Тоа е нешто со што особено се гордеам и во текот на мојот потпретседателски мандат ќе настојувам да работам на повторно градење на таа добропозната другарска атмосфера и силен колективен дух во СДСМ.
Мотив ми е да го зацврстиме тоа другарство, ама и да подадеме рака на сите граѓани – наши сојузници во борбата за враќање на пристојниот живот. Само така ќе успееме да се избориме против ефектите од штетните општествени текови и политичките неуспеси кои владејачките структури ѝ ги наметнуваат на државата.
Како што образложив погоре, работите не стојат добро, ниту на економски, ниту на план на правосудство, институционален интегритет или зачувување на основните слободи и права. Многумина од нас ќе бидат и под директен напад, ама и ќе пружаат отпор онака како што најдобро знаат – преку градење солидарност и упоришта за потребите на секој доблестен. Секој од нас има улога во организирањето за поголема слобода, демократизирање, но и рушењето на оваа приемлива варијанта на статус кво, која успевала да ги нагризе и нашите средини. Ни треба повеќе разбирање, грижа и одговорност пред колективот наспроти индивидуализмот и алчноста од другата страна. Да нЍ обединат добрите другарства и добрите принципи, за да поуспешно се организираме и да се бориме заедно.
Рацин.мк: Во вашата јавна изјава по одлуките на Централниот одбор споменавте силната лојалност кон социјалдемократската идеја, како ја дефинирате социјалдемократијата денеска и дали сметате дека на некој начин е загрозена?
Денес гледаме како кај граѓаните се поттикнува цинизам во погледите кон политиката, кон партиите, па дури и кон демократското владеење како концепт. За жал, ова е глобален проблем, не е тешкотија уникатна за овие простори. Со години лукаво се вложува во наративи преку кои или се создава апатија, или, пак, се наметнуваат дестабилизирачки погледи на самонаречени „дисруптори“. Апатијата предизвикува молк за суштинските прашања кај граѓаните, а оние со дестабилизирачки дејствувања создаваат уште поголеми проблеми од постоечките. Ваквата поларизираност во најголем дел резултира со дезориентираност на граѓанството и негова поголема подложност на лаги и манипулации. Многу лесно сентимент изразен на интернет, иако целосно погрешен, може да го спречи критичкото размислување. Ако неинформираното граѓанство е подлежно на контрола, тогаш граѓанството бомбардирано со неточни или информации извадени од контекст, подлежи на страшни манипулации.
Затоа мора да работиме и на постојаното одгатнување на нејаснотиите и рушењето на митовите кои ги продлабочуваат поделбите, ја хранат омразата и го спречуваат колективниот напредок. Во спротивно, ќе се соочиме со се поголем број граѓани кои полека, но сигурно, се исклучуваат од она што може да стане успорена апокалипса.
Демократијата, во сиот свој привид на хаотичност, е единствениот систем на владеење кој зависи од волјата на луѓето и затоа мораме да се бориме да ја зачуваме. Промовирање општествена кохезија постигната преку економска стабилност, демократско учество, повисок животен стандард и квалитет на живеење се дел од главните социјалдемократски начела, но се и во сржта на стремежите на секој граѓанин. Социјалдемократската идеја е добра и корисна за општеството и затоа ќе ги преживее нападите од деструктивните страни.
Разговараше: Соња Танеска
Фотографија: Ангел Ангеловски