Организацијата „Македонија2025“ најави инвестициски форум што ќе се одржи на 3 и 4 декември 2026 година во Маврово, со цел да ги поврзе компаниите од Македонија и Западен Балкан со домашни, регионални и меѓународни инвеститори.
Форумот Mavrovo Investment Forum 2026 е замислен како платформа за конкретни деловни договори, а не само како конференција. Избраните компании ќе добијат можност да ги претстават своите бизнис-планови, да се подготват за разговори со инвеститори и да учествуваат на однапред организирани индивидуални средби.
За учество во процесот на селекција, компаниите по правило треба да имаат годишни приходи од најмалку еден милион евра, производ или услуга што веќе е присутна на пазарот и јасен потенцијал за раст и меѓународно проширување.
Пријавувањето чини 50 евра, а кандидатите ќе поминат низ проверка на условите и независна процена. Избраните компании ќе добијат поддршка за подготовка на инвестициските презентации и поврзување со инвеститори според нивниот сектор и развојни планови.
На форумот се очекува учество на инвестициски фондови, приватни инвеститори, претставници на компании и финансиски институции. Настанот се организира под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски.
Според организаторите, целта е контактите воспоставени во Маврово да продолжат и по завршувањето на форумот, со можност за конкретни инвестиции и стратешки партнерства.

