Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска пристигнува во Скопје со јасна порака до македонскиот државен врв дека Европската Унија нема да понуди гаранции оти во текот на пристапниот процес нема да се појават нови билатерални спорови, бидејќи такви гаранции досега не добила ниту една земја-кандидат.
Во пресрет на средбата со премиерот Христијан Мицкоски, Кос во интервју за МИА директно одговори на барањето на македонската Влада за гаранции пред евентуалните уставни измени.
„Вистината е дека ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“, изјави Кос.
Со оваа изјава еврокомесарката практично ја отфрла можноста Брисел да му понуди на Скопје политички гаранции какви што бара Владата, инсистирајќи дека европските правила се исти за сите земји кандидати. Наместо гаранции, Кос порачува дека довербата се гради преку исполнување на преземените обврски и добрососедски односи.
Истовремено, таа ја оцени Северна Македонија како успешна во спроведувањето на Реформската агенда, но нагласи дека истиот политички капацитет треба да биде покажан и во пристапните преговори.
„Северна Македонија покажа дека може да испорача резултати кога има политичка волја… Доаѓам во Скопје за да ја охрабрам Владата да го стори истото во преговорите за пристапување. Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето“, порача Кос.
Нејзината денешна средба со премиерот Мицкоски затоа се очекува да биде обележана токму со ова клучно несогласување: Владата бара гаранции дека по уставните измени нема да следуваат нови бугарски барања, додека Европската комисија порачува дека такви гаранции не постојат во процесот на проширување и дека единствениот пат напред е исполнување на веќе преземените обврски.
