Струшката полиција поднесе кривична пријава против градоначалникот на Струга, Менди Ќира, поради сомнение дека незаконски разрешил директор на основно училиште и назначил друго лице кое не ги исполнувало законските услови за функцијата.
ОВР Струга ја поднело пријавата против 66-годишниот Ќира од струшкото село Биџево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
Според МВР, Ќира во својство на градоначалник, спротивно на одредбите од Законот за основно образование, донел одлука со која разрешил директор на едно општинско основно училиште, а потоа назначил друго лице за вршител на должноста директор.
Од полицијата наведуваат дека новоназначеното лице не ги исполнувало условите предвидени со Законот за основно образование и дека градоначалникот бил запознаен со тоа.
Неправилностите, според МВР, биле утврдени и при инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат.
Менди Ќира беше избран за градоначалник на Струга како независен кандидат, со поддршка од коалицијата Вреди.
Поднесувањето кривична пријава претставува почеток на постапка и не значи дека е утврдена кривична одговорност.

