Европската Унија е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на вечерашната средба со битолчани во рамки на кампањата „Ние сме Европа“.
Тој нагласи дека „Ние сме Европа“, горди на нашето наследство, отворени за светот, со силен стремеж за целосна интеграција во Европската Унија со полноправно членство. Тоа за нас, за Македонците, потенцира, и за сите граѓани на нашата татковина, денеска е единствениот начин за да бидеме дел од глобализираниот свет.
– Нашиот народ одамна го ибра вистинскиот сојуз – тоа е Унијата на слободата, на демократија, владеење на правото, човековите права, еднаквоста и достоинството. Тоа е Европската Унија. Веројатно ниту едно друго место во светот нема таква културна „густина“ како Европа. Толку многу историја, толку многу приказни и култури. И македонската приказна како дел од европската, се разбира. И пак, благодарение на основните европски вредности за еднаквост и почитување на другиот, Европската Унија ги чува милениумските традиции на сите народи и заедници на континентот. Од тој аспект, од аспект на оддавање признание, простор и поддршка за секоја културна вредност што проникнала на европското тло, Европската Унија е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес, истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека „ние сме во срцето на Европа и неразделив дел од европскиот идентитет на кој се гордее цела Европа.
Вицепремиерот Маричиќ уште посочи дека културата и креативниот сектор имаат моќ да го подобрат животот, да ги трансформираат заедниците, да создаваат работни места и раст и да поттикнуваат заедништво.
Токму затоа, рече Маричиќ Европската Комисија ги обедини програмите за поддршка во културата во големата програма која се вика „Креативна Европа“. Програмата е развиена за поддршка на културните работници и за пристап до финансирањето од ЕУ и претставува водечка програма на Европската комисија за која за периодот од 2021 до 2027 година, се обезбедени 2 милијарди и 440 милиони евра за поддршка на европската култура.
– Владата на Северна Македонија учествува во оваа програма со вкупен износ од 1,14 милиони евра, распределени во седум години со што се стекна со пристап до буџетот од 2,44 милијарди евра. Буџетот на Креативна Европа со тоа стана буџет и на македонските уметници и културни работници, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на вечерашната трибина во Битола која во рамките на кампањата „Ние сме Европа“ се одржа на темата „ЕУ за македонското културно наследство“.