Премиерот Христијан Мицкоски предупредува дека тензиите на Западен Балкан повторно се зголемуваат и дека навидум мал проблем може да го „запали целиот регион“ и да прерасне во конфликт.
Мицкоски за состојбите во регионот зборуваше по средбата на лидерите од Западен Балкан со високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во Њујорк.
Според него, дел од темите што биле отворени на состанокот го потсетиле на состојбите од почетокот на 90-тите години на минатиот век.
„Ме изненадува фактот што може една работа да го запали целиот регион, која можеби навидум толку голема и не изгледа однадвор или од нашата оптика, можеби како Македонија, но очигледно дека една едноставна работа навидум може да предизвика сериозни тензии во општествата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека таквите тензии би можеле да прераснат и во конфликт, но нагласи дека не очекува такво сценарио.
„Тие тензии може да прераснат во некој конфликт. Не очекувам, но чувството мое беше такво и бев загрижен“, изјави премиерот.
Мицкоски не прецизираше на кој конкретен спор или однос меѓу земјите во регионот се однесува неговото предупредување, но рече дека впечатокот од дискусијата бил доволно сериозен за да побара побрза реакција од Европската Унија.
Според него, продолженото чекање на земјите од Западен Балкан во процесот на европска интеграција создава фрустрации кај населението, а Унијата треба да премине од политички пораки кон конкретни резултати.
На средбата со Калас тој побарал „брзи испораки“ од ЕУ, односно видливи чекори со кои на граѓаните во регионот би им се покажало дека процесот на интеграција носи конкретни придобивки.
Мицкоски во изминатите денови во Њујорк повеќепати зборуваше и за европскиот пат на Македонија. Во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации тој повтори дека членството во ЕУ останува стратешка определба на земјата, но побара процесот да се води според мерливи критериуми и заслуги, без постојано отворање нови билатерални прашања.
Неговото предупредување за состојбите на Западен Балкан доаѓа во период кога повеќе нерешени политички и меѓуетнички прашања и натаму ги оптоваруваат односите во регионот, додека процесот на проширување на ЕУ останува едно од главните прашања во односите меѓу Брисел и балканските земји.

