Музичко-драмска изведба и изложба во рамки на Европските денови на еврејската култура

Еврејската заедница во Македонија и оваа година продолжува со традицијата да биде дел од манифестацијата „Европски денови на еврејската култура – Денови на отворени врати“. Оваа година заедно со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ) учествуваат со два проекта. Настанот е вечер во 19.30 часот во Арт Центарот на Меморијалниот центар на холокаустот.

Како што соопшти ФХЕМ, целта на манифестацијата е приближување и подобро запознавање со еврејската култура. На годинашните „Европски денови на еврејска култура“, Еврејската заедница во земјава учествува по 17-ти пат со настан на зададена тема „Спомени“ .

Публиката ќе има можност да ја проследи музичко-драмската изведба на книгата „Стенограми“ од Мориц Романо во драматизација и режија на Снежана Конески Русо. Ќе настапат актерите Петар Горко и Снежана Конески-Русо, пијанистот Андреј Наунов и оперските пејачи Ернес Ибраимовски,  Игор Гиевски, Гонца Богоромова-Краповски, Тереза Талеска-Лазовска и Елвира Шорко.

Од 19.30 часот ќе биде поставена и изложбата „Верските обичаи и културната традиција на македонските Евреи – раскажувања низ предмети и фотографии“ која опфаќа предмети кои се поврзани со еврејската религија, а со тоа и со културата која произлегла од неа. Автор на изложбата е Лилјана Лазаревска-Мешковска.

Како што информира ФХЕМ, на изложбата ќе бидат претставени 16 предмети преку кои може да се следи религискиот живот и празниците поврзани со него, начинот на празнување и културата што ја донеле Евреите со себе при нивното населување на овие простори.  Изложбата е надополнета и со фотографии, прикажувајќи го семејниот живот, животот во заедницата и културните особености кои датираат од периодот на 20 и 21 век.

Изложбата ќе може да се посети од утре (19 септември) до 30 ноемри 2023 на вториот кат во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Влезот е слободен.

-Манифестацијата „Европски денови на еврејската култура 2023 – Денови на отворени врати“ претставува можност еврејските заедници од градовите низ Европа да подготват настан наменет за пошироката публика во местото на нивното живеење. На овој начин се отвора простор за славење на креативноста, паметење на минатото – богатство и спојување луѓе кои го делат интересот за заедничкото европско-еврејско наследство, наведуваат организаторите на настанот.

Треба да знаете
Moже да ве интересира