По година и пол откако Битола остана без сопствениот „пајак“, ЈП „Паркинзи“ склучи договор со приватна компанија за изнајмување вакво возило. Ова на последната седница на Советот го соопшти градоначалникот Тони Коњановски одговарајќи на прашањето на советникот од СДСМ, Петар Николовски, зошто претпријатието не набавува пајак-возило за да се стави ред во сообраќајот, особено на споредните улици во центарот на градот каде што возачите паркираат и по тротоарите за да ги избегнат високите цени на паркингот.
„Апелирам да ја преиспитате одлуката за поскапување на паркинг-услугите за 300 проценти, бидејќи сме сведоци како на споредните улици се случува вистински сообраќаен хаос. Пред да кажете дека ЈП ‘Паркинзи’ нема пари да го набави возилото, како тогаш се набавува опрема од 160 илјади евра за модернизација, а нема основното средство за воспоставување ред на сообраќајниците? Дали намерно не се набавува вакво возило за да ја преземе приватна компанија оваа работа?“, праша Николовски.
Градоначалникот Коњановски потврди дека одлучиле да ангажираат приватна компанија.
„Паркирањето не е социјална категорија. Во многу градови тоа се ограничува заради заштита на животната средина, за да не ги оставаат луѓето по цел ден автомобилите во центарот на градот за смешна сума, туку да си обезбедат соодветни простори. Тоа е наша обврска и се трудиме да ги обезбедиме. Но, дека во градот ќе се плаќа за паркинг, тоа е факт. Со оглед на тоа што се појавија доста недоследности и дилеми во функционирањето на нашата пајак-служба, сега имаме јавно-приватно партнерство за пајак-возило“, рече Коњановски.
Тој најави дека „пајакот“ ќе биде често на битолските улици, а непрописното паркирање ќе се санкционира во соработка со полицијата.
„Ве уверувам дека од 2 ноември ќе го гледате пајакот низ улиците многу често. Ги повикувам граѓаните да паркираат на обележани паркинг-места и да ги ослободиме тротоарите. Тротоарите не се места за паркирање, ниту јавните површини. Ригорозно ќе се постапува по тоа прашање. На почетокот ќе биде превентивно, а потоа ќе бидат санкционирани сите оние што непрописно паркираат“, истакна Коњановски.
Тој најави и ослободување на плоштадот „Гоце Делчев“ од паркирани возила, како и решавање на проблемот на улиците, каде што, како што рече, едни плаќаат за паркирање, а други бесплатно го узурпираат просторот. Коњановски додаде дека во наредните шест месеци ќе се следи како ќе функционира новиот модел на јавно-приватно партнерство.
Пајак-возилото на ЈП „Паркинзи“ не е во функција од април 2025 година. Како што објасни неодамна директорот на претпријатието Зоран Михајловски, причината е неговата целосна амортизираност и големите трошоци за негово одржување.
Според годишните финансиски извештаи на „Паркинзи“, во четирите месеци од 2025 година, додека било во функција, старото пајак-возило подигнало 396 непрописно паркирани возила, односно во просек по три до четири дневно. Во 2024 година биле подигнати 512 возила, а во 2023 година двојно повеќе – 1.034.
Рамковната спогодба меѓу ЈП „Паркинзи“ – Битола и скопската компанија „Енвиро систем“ ДООЕЛ е потпишана на 14 септември 2026 година. Договорот предвидува изнајмување специјализирано пајак-возило со ракувач и помошник ракувач за период од шест месеци.
Според финансиската понуда, месечниот надоместок за изнајмување изнесува 330.400 денари со вклучен ДДВ. Вкупната вредност на договорот за шест месеци е 1.985.940 денари
За ангажирање на „пајакот“ надвор од договореното време е утврдена цена од 3.540 денари за работен час со ДДВ.
Но, рамковната спогодба не значи дека претпријатието задолжително ќе ја исплати целата предвидена сума. Услугата ќе се користи според потребите, а фактурирањето ќе се врши врз основа на реално одработените часови, евидентирани преку вграден GPS-уред и потврдени со месечни извештаи и испратници.
Дополнителен трошок за ЈП „Паркинзи“ ќе биде горивото, кое според договорот е на товар на претпријатието. Од друга страна, приватната компанија ги презеде обврските за регистрација, редовно одржување, осигурување и отстранување дефекти на возилото.
ЈП „Паркинзи“ ќе треба да обезбеди и брендирање на возилото со своето лого, како и осигурување од одговорност при евентуална штета.
Е. М.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

