Осум години Преспа: Договорот што ја избра иднината

Преспа

На 17 јуни 2018 година, на грчката страна на брегот на Преспанското Езеро, беше потпишан документ кој го промени текот на современата македонска историја. Не затоа што беше совршен. Не затоа што ги избриша сите разлики. Туку затоа што докажа дека политиката може да биде повеќе од управување со стравовите на денот. Дека може да биде визија за иднината.

Осум години подоцна, Договорот од Преспа останува еден од најзначајните дипломатски настани во Европа на почетокот на 21 век.

Оваа квалификација на вредноста на договорот не е претерана во време кога национализмот повторно се враќа како доминантна политичка валута, а Преспа останува потсетник дека и најтешките спорови можат да бидат решени кога постои политичка храброст, лидерство и подготвеност да се гледа подалеку од следните избори.

Три децении спорот за името изгледаше нерешлив. Генерации политичари во Скопје и во Атина градеа кариери врз неговото одржување. Во јавноста беше создадена атмосфера дека компромисот е невозможен, а секој обид за приближување беше дочекуван како предавство.

Токму политичкиот предизвик на Зоран Заев и Алексис Ципрас и согласноста околу решението преточено во договорот има историска тежина која оди подалеку од самата содржина на договорот.

Тие не решија само спор за име.

Зоран Заев и Алексис Ципрас не го решија спорот затоа што беше лесен, туку токму затоа што беше тежок. Тие се согласија да преземат политички ризици кои мнозинството нивни претходници ги избегнуваа.

Осум години подоцна, без оглед на различните оценки за одделни аспекти на договорот, останува фактот дека тие ставија крај на спор кој со децении изгледаше нерешлив.

Демонстрираа дека Балканот може да произведе лидери кои се подготвени да преземат политички ризик во име на иднината.

Преспанскиот договор не ги исполни сите надежи што постоеја во 2018 година. Европската интеграција не се одвиваше со очекуваната динамика, а во двете земји продолжија политичките поларизации. Но тоа не ја намалува неговата суштинска вредност: реши спор кој три децении ја држеше Македонија надвор од евроатлантските структури и создаде модел на дипломатија што ретко се среќава во регионот.

На меѓународен план: Модел за моќта на дипломатијата, дијалогот и компромисот

Денес, кога многумина се обидуваат да ја релативизираат важноста на Преспа, вреди да се потсетиме на една едноставна историска вистина: ниту една земја не станува членка на НАТО со нерешени спорови од ваков обем со соседите.

Без Преспа немаше да има членство во НАТО.

А без НАТО, Северна Македонија денес ќе се соочуваше со сосема поинаква безбедносна реалност во време кога војната повторно се врати на европскиот континент.

Во свет обележан од руската агресија врз Украина, кризи на Блискиот Исток и нови геополитички поделби, членството во НАТО не е апстрактна политичка придобивка. Тоа е најсилната безбедносна гаранција што државата некогаш ја добила.

Преспа ја отвори токму таа врата.

Но не само тоа.

Договорот испрати порака до целиот регион дека споровите и конфликтите можат да се решаваат со дијалог наместо со мобилизација на историски митови и национални стравови.

Не е случајно што многу меѓународни претставници го нарекоа „модел за решавање на спорови“.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш оцени дека договорот покажува оти „дури и навидум нерешливите прашања можат да бидат решени преку дијалог и политичка волја“. Тој им честиташе на Заев и Ципрас за нивната „визионерска определба за идните односи меѓу двете земји и помирувањето во балканскиот регион“.

Уште во 2018 година Гутереш го нарече Преспанскиот договор „пример за мирно решавање на спорови“ и порача дека тој носи надеж дека и други долготрајни конфликти во светот можат да добијат решение.

Шест години подоцна, во видео обраќање по повод годишнината од договорот, првиот човек на ОН повторно нагласи дека Преспа е „доказ за моќта на дипломатијата, дијалогот и компромисот“ и дека отворила можности за нови партнерства, економски развој и регионална соработка.

Особено значајна е и улогата на Метју Нимиц.

Во ера на брзи политички победи и дипломатија сведена на објави на социјалните мрежи, неговата триесетгодишна мисија претставува лекција за трпение, професионализам и верба во преговарачкиот процес.

Речиси три децении Нимиц беше човекот што не се откажуваше од дијалогот дури и кога изгледаше дека дијалог веќе не постои.

Тој останува пример за она што треба да биде меѓународната дипломатија – упорна, тивка и посветена на решенија.

Дома: Се бараат лидери…

Преспа, се разбира, не ги реши сите проблеми на Северна Македонија.

Не ја искорени корупцијата.

Не ја забрза автоматски европската интеграција.

Не ги надмина домашните политички поделби.

Зашто сите овие прашања требаше да си ги решаваме дома.

Но, вистинската вредност на Договорот од Преспа лежи во нешто друго. Во нешто што не успеваме да го пренесеме дома, меѓу нас во решавањето на важните прашања за иднината на земјата и граѓаните

Зашто преспанскиот договор докажува дека кога постои лидерство, политиката може да биде сила што отвора перспективи, наместо механизам што произведува постојани конфликти.

Токму затоа денес, осум години подоцна, Преспанскиот договор треба да се оценува не низ дневнополитичките страсти, туку низ призмата на историјата.

А историјата, по правило, има повеќе разбирање за храбрите отколку за гласните.

Затоа, кога ќе се сумираат првите децении на XXI век на Балканот, меѓу ретките позитивни приказни сигурно ќе остане запишан моментот кога двајца премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас одлучија да не бидат заложници на минатото, туку архитекти на иднината.

Тоа е суштинската лекција на Преспа.

Дека нема нерешливи спорови. Постојат само општества кои сè уште не нашле лидери подготвени да ги решат.

З.Б.

Најчитано