Против Д.В. (18) од Скопје е поднесена кривична пријава откако при претрес во објект во Сингелиќ, каде што престојувал, биле пронајдени речиси 200 грама кокаин.
Претресот бил извршен на 4 октомври, по наредба на Основниот кривичен суд Скопје, и опфатил дом, други простории и придружни објекти. Полицијата пронашла и одзела две пакувања со бела грутчеста материја.
Со вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР било утврдено дека станува збор за кокаин со вкупна нето-маса од 198,46 грама.
Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Скопје ја поднела Единицата за недозволена трговија со дрога при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Осумнаесетгодишникот се сомничи за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
