Речиси 90 отсто од граѓаните кои се соочиле со барање за мито – го дале

Корупцијата останува сериозен проблем во Македонија, а последната анализа на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) покажува дека речиси 90 отсто од граѓаните кои биле побарани да дадат мито – го направиле тоа. Стапката на коруптивен притисок, односно колку често граѓаните се соочуваат со барања за мито, изнесува 31% – речиси исто колку и просекот во регионот (33%).

„Отпорот кон корупцијата е многу низок. Луѓето не само што често се соочуваат со барање за мито, туку и најчесто прифаќаат да платат,“ изјави Александар Кржаловски од МЦМС.

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, потенцираше дека во борбата против корупцијата, клучна е улогата на граѓанскиот сектор. „Владата повторно го воспостави Советот за соработка со невладините организации, обезбедувајќи стабилно финансирање за нивната работа,“ рече Фетаи.

Свој став изнесе и заменик-амбасадорот на ЕУ во Македонија, Бен Нупнау, кој потсети дека корупцијата е редовна забелешка во извештаите на Европската комисија.

„Политичките лидери имаат главна одговорност, но не смеат да бидат единствени во борбата. Потребно е активно учество на граѓаните и невладиниот сектор кои ќе бараат транспарентност и отчетност,“ рече Нупнау.

Овие пораки беа дел од дебатата „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“, на која се дискутираше за нови пристапи во справувањето со корупцијата, нелегалните финансиски текови и системската злоупотреба на моќта.

Зачлени се на нашиот е-билтен