СДСМ: 58 случаи на западнонилска треска, осум лица починаа

СДСМ

Во Македонија досега се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, а бројот на починати достигна осум, соопшти денеска СДСМ. Според партијата, регистриран е и прв случај во Свети Николе.

Од СДСМ повторно ја обвинија Владата дека задоцнила со превентивните мерки и со реакцијата на ширењето на вирусот.

„Не се ова само статистички бројки, ова се човечки животи“, порачаа од партијата, додавајќи дека со недели предупредувале на потребата од навремено прскање против комарци и посилен системски одговор.

Според СДСМ, институциите реагираат дури откако бројот на заболени ќе почне да расте, а партијата оценува дека недостигала навремена превенција и координација.

Опозициската партија повторно ја поврза состојбата со западнонилската треска со претходната здравствена криза во Гостивар, оценувајќи дека и во двата случаи имало доцнење на институциите и недоволна превенција.

Од СДСМ наведуваат дека во Гостивар околу 5.000 граѓани побарале медицинска помош и дека, осум недели подоцна, јавноста сè уште го нема целосниот извештај за водата.

„Две здравствени кризи, ист модел на однесување – задоцнета реакција, недоволна превенција, институционален хаос, молк и никаква одговорност“, порачаа од СДСМ.

Од партијата бараат одговорност од надлежните и тврдат дека последиците од, како што велат, нефункционалниот систем директно ги чувствуваат граѓаните.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?