СДСМ обвини за тендерски шеми вредни над 100 милиони евра

СДСМ

Опозициската СДСМ денеска соопшти дека реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата за фаворизирање одредени компании во јавните набавки претставува потврда на, како што наведуваат, „скандалот со омилените фирми на власта“.

Од СДСМ тврдат дека нивниот Антикорупциски тим досега објавил податоци за тендерски постапки во вредност од над 100 милиони евра, во кои, според партијата, едни исти компании добивале милионски договори во државните институции и општините.

Во соопштението се наведува дека меѓу фирмите кои најчесто добивале тендери се „Ленди Груп“ со 74 договори во вредност од 17,6 милиони евра, „Пирамид билдинг солушнс“ со 51 тендер вреден 16 милиони евра и „Масев“ со 93 тендери во вредност од 18 милиони евра.

Според СДСМ, во проектите на овие компании како проектанти и надзорни фирми се појавуваат истите компании – „МГ Проект“ и „МБМ Архитекти“.

„Во Кисела Вода и Илинден, каде работи Ленди Груп, надзорот го врши МГ Проект. Во Аеродром и Гази Баба, каде работи Пирамид билдинг, клучните договори за надзор ги добива МБМ Архитекти. Во низа општини и институции каде работи Масев, повторно се појавуваат истите две фирми како проектанти и надзор“, наведуваат од СДСМ.

Партијата дополнително тврди дека во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ ја има власта и се реализираат средства од унгарскиот кредит, „МГ Проект“ склучила договори во вредност од 2,4 милиони евра, а „МБМ Архитекти“ договори од 2,9 милиони евра, при што, според нивните пресметки, е забележан раст од речиси 289 проценти.

Од СДСМ побараа одговорност за, како што велат, „бизнис-шема за испумпување пари на граѓаните“ и упатија повик до Јавното обвинителство да ги испита нивните наводи.

ВМРО-ДПМНЕ претходно ги отфрли обвинувањата на опозицијата, оценувајќи ги како политички мотивирани напади и обид за дискредитација на работата на институциите.

Најчитано