СДСМ: Владините политики не успеваат, цените растат

СДСМ обвинува дека владините мерки за контрола на цените не само што не носат резултати, туку напротив – цените на основните производи продолжуваат да растат. Според партијата, граѓаните секојдневно се соочуваат со поскапувања, што дополнително го отежнува нивниот животен стандард.

„Заклучокот е поразителен. Не само што нема намалување на цените, туку напротив има и покачување кај голем дел од производите. Владините политики со замрзнување на маржите немаат никаков ефект“, изјави Лолита Ристова од СДСМ на прес-конференција. Таа додаде дека најавената „жестока контрола“ од страна на премиерот Христијан Мицкоски е само празно ветување и дека вистинската реалност е драстично поскапување кое директно ги погодува граѓаните.

Според анализите на СДСМ, неколку основни прехранбени производи бележат значителен раст на цените: јајцата достигнуваат цена до 140 денари за пакување, јогуртот со 3,2% масленост чини најмалку 72 денари, млекото се продава меѓу 70 и 80 денари, додека сирењето и кашкавалот стануваат луксуз, достигнувајќи цени од 440 до 650 денари и над 600 денари, соодветно. Зголемени се и цените на шеќерот, како и на мешунките – грашок, грав и леќа.

СДСМ ја обвинува владата за негрижа кон граѓаните и за фаворизирање на интересите на големите трговци. „Додека народот се мачи со високите цени и недоволните плати како да врзат крај со крај, како да го поминат месецот, што ќе имаат на масата семејствата за јадење, Мицкоски и неговата влада се хранат со луксузни храни на грбот на истиот тој народ. Аспарагус, манго, папаја. Тоа е на менито на Мицкоски и неговите министри. Веќе е објавен оглас за набавка на огромно количество и на морски плодови, месо и риба за потребите на Владата“, рече Ристова.

СДСМ исто така потсетува дека Владата одбива зголемување на минималната плата на 500 евра, но истовремено троши значителни средства на луксузни набавки. СДСМ смета дека ваквата политика дополнително ја продлабочува економската криза и ја зголемува социјалната неправда во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен