Уапсен е поранешниот претседател на ФФМ Сејдини, осомничен за проневера од 700.000 евра

сејдини

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, е уапсен во акција на Министерството за внатрешни работи поради сомнежи за сериозна финансиска злоупотреба.

Според информациите, станува збор за проневера во износ од околу 700.000 евра, поврзана со авансна исплата за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Исплатата, како што претходно соопштија од ФФМ, била направена без соодветна одлука на Управниот одбор, без банкарска гаранција и спротивно на утврдените процедури.

Според достапните податоци, тогашниот претседател самоволно одобрил авансно плаќање кон фирма-изведувач, иако договорот првично не предвидувал таков услов. Со тоа, како што наведуваат од Федерацијата, биле доведени во заблуда членовите на Управниот одбор и била нанесена значителна финансиска штета.

Истрагата сега е во рацете на надлежните институции, а се очекува случајот да добие судска разрешница. Апсењето отвора сериозни прашања за начинот на управување со средствата во македонскиот фудбал и одговорноста на поранешното раководство.

Зачлени се на нашиот е-билтен