Жените земјоделки со години работат на нивите и придонесуваат во земјоделското производство, но кога им е потребна институционална помош, системот не ги препознава како вработени. За ваквиот однос јавно проговори Оливера Ристова, 44-годишна земјоделка од Општина Могила, која обработува околу 70 декари земјоделска површина.
Во видеосведоштво објавено од „Зелена берза“, Ристова вели дека е целосно разочарана од односот на институциите. По тешка операција и отстранување орган, како што раскажува, ѝ било кажано дека ѝ следува надомест од само 2.000 денари.
Кога побарала објаснување во Фондот за здравствено осигурување, одговорот што го добила бил дека таа не е вработена.
„Како јас ништо да не сум придонела за државата“, вели Ристова, потсетувајќи дека долги години одгледува тутун и работи во земјоделството.
Таа бара институциите да проверат колку години земјоделците произведуваат и предаваат тутун и други земјоделски производи, наместо нивниот труд да останува непрепознаен во системот.
„Невидливи, невидливи. Целосно сум разочарана“, вели Ристова.
Нејзиното сведоштво повторно го отвора прашањето за социјалната и здравствената заштита на жените во земјоделството. Иако секојдневно работат на нивите и учествуваат во производството од кое живеат нивните семејства, дел од нив немаат формален работен однос, редовни придонеси и пристап до правата што ги уживаат другите работници.
Случајот на Оливера Ристова покажува дека зад статистиките за земјоделското производство стојат жени чиј труд често останува непризнаен, а нивната ранливост станува највидлива токму кога ќе се соочат со болест или тешка здравствена интервенција.
Извор и видео: „Зелена берза“

