Власта озаконува паушални сметки за струја – Инженерите алармираат: Граѓаните ќе плаќаат за непотрошена енергија

Новиот Предлог-закон за енергетика, кој треба да се најде пред пратениците на 22 април, предизвика сериозна загриженост кај стручната фела. Од Инженерската комора на Република Македонија (ИНРМ) предупредуваат дека предложените измени озаконуваат паушално фактурирање на електричната енергија – практика што директно го нарушува принципот на фер и реална наплата.

„Апелираме до пратениците и Министерството за енергетика итно да ги отстранат овие одредби. Фактурирањето мора да биде прецизно, транспарентно и исклучиво базирано на реално измерена потрошувачка. Секој друг пристап ги оштетува граѓаните и го поткопува јавниот интерес“, велат од ИНРМ.

Што предвидува законот?

Според ИНРМ, најспорни се член 185, став 2 и став 4, точка 2 од новата законска рамка, кои предвидуваат можност за фактурирање врз основа на проценета наместо реална потрошувачка на струја. Тоа, велат инженерите, само ќе ја зацврсти веќе проблематичната пракса што се користи во последните години.

Со воведувањето на ценовни блокови од јули 2022, паушалните сметки добија уште поголема тежина – неточните проценки неретко ги сместуваат домаќинствата во погрешен, поскап блок, што резултира со преплатени фактури и штета од илјадници денари годишно.

Колкава е штетата?

„Нашите анализи покажуваат дека дури и 10% отстапување во проценката може да значи до 8.000 денари дополнителна наплата по домаќинство годишно. Ако се земе предвид дека во Македонија има 598.632 домаќинства и над 900.000 електромери, потенцијалната штета за граѓаните и профитот за снабдувачите се мерат во милиони евра годишно“, потенцираат од ИНРМ.

Особено проблематично, според инженерите, е тоа што Владата се повикува на европската директива CELEX: 32019L0944, со образложение дека измените се дел од процесот на усогласување со ЕУ. Но, според ИНРМ, директивата никаде не предвидува дозвола за проценски или паушални сметки, туку напротив – ги промовира принципите на точност и отчетност во снабдувањето со електрична енергија.

Дополнително, овие контроверзни одредби не биле дел од претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР, што го отвора прашањето за транспарентноста на целиот законодавен процес.

Апел за промени

ИНРМ упатува конкретен предлог до законодавецот:

Да се избрише став 2 од членот 185

Да се измени став 4, точка 2 – со отстранување на вториот дел од реченицата што дозволува проценски пресметки

„Граѓаните не смеат да станат жртви на арбитрарни пресметки и системски грешки. Наплатата мора да биде фер и заснована на реална потрошувачка. Сè друго е директен удар врз семејниот буџет“, порачуваат инженерите.

Зачлени се на нашиот е-билтен