Јавниот превоз во Куманово ќе добие нов ценовник од 1 јануари 2027 година. Советот на Општината усвои одлука што предвидува повисоки максимални цени на билетите за 15 денари и укинување седум автобуски линии, објави „Куманово њуз“.
Максималната цена без ДДВ за првата зона, до четири километри, ќе биде 50 денари. За втората, до седум километри, ќе изнесува 60 денари, а за третата, до десет километри, 80 денари. За четвртата зона, до 15 километри, се предвидени 100 денари, за петтата, до 20 километри, 120, а за шестата, до 30 километри, 140 денари.
Раководителката на Секторот за комунални работи, Лида Ланг Спасовска, нагласила дека станува збор за максимални цени, кои не мора целосно да се применат во практиката.
Според неа, цените не се менувале од 2019 година, а превозниците повеќепати барале усогласување со зголемените трошоци за енергенси и минималната плата.
Бројот на линии ќе се намали од 26 на 19. Општинското образложение е дека дел од постојните линии не се рентабилни.
Со одлуката е предвиден попуст од 50 отсто за учениците и редовните студенти.

