Зелен хуман град бара истрага: Што гореше во фабриката Факом?

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ побара од Основното јавно обвинителство итно да отвори истрага за загадување на животната средина по големиот пожар што избувна во управната зграда на фабриката „Факом“ во комплексот Железара. Според реакцијата на иницијативата, овој инцидент го изложи Скопје на висока концентрација на токсични честички, поради што надлежните органи мора веднаш да утврдат кои безбедносни мерки биле занемарени.

Густиот црн чад за краток период стигна дури до населбата Ново Лисиче, создавајќи задушлива миризба и отежнато дишење кај жителите од повеќе градски четврти. Активистите предупредуваат дека постојните системи за превенција во индустриските зони очигледно не функционираат на терен, што претставува директно кршење на уставно загарантираното право на граѓаните на здрава животна средина.

Од иницијативата упатија барање и до Државниот инспекторат за животна средина за спроведување итен вонреден надзор на терен. Главните сомнежи се однесуваат на содржината на просториите во кои избувна пожарот, со оглед на тоа што според активистите е недозволиво од административен објект да се развие чад со таков состав и интензитет.

„Бараме одговори што изгорело и во колкава количина. Огромен црн чад од управна зграда не смее да има. Што се чувало таму? Од каде сиот тој црн чад налик оној со електронскиот отпад во Трубарево? Бараме целосна одговорност од сопствениците, како и ажурност и транспарентност од надлежните инспекторати“, потенцираат од „Зелен хуман град“.

За граѓаните на главниот град останува клучно институциите јавно да ги објават мерењата на квалитетот на воздухот и да соопштат дали изгорените супстанци оставаат трајни последици врз здравјето. Од граѓанскиот сектор се децидни дека оваа хаварија не смее да помине без институционална завршница, туку мора да заврши со кривична одговорност за предизвикување опасност врз општата безбедност и екологијата.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?