Трговските политики на Европската Унија се „надвор од реалноста“, изјави трговскиот претставник на САД, откако Брисел најави контрамерки против царините воведени од администрацијата на Доналд Трамп.
Џејмисон Грир, кој беше клучен играч во воведувањето на царини за кинеските производи за време на првиот мандат на Трамп, ги осуди царините на ЕУ во вредност од 26 милијарди евра за американските производи, јави Би-Би-Си.
– ЕУ се спротивставува на обидите на САД за реиндустријализација и одбива да соработува во справувањето со глобалниот вишок на производствени капацитети во секторите како што се челикот и алуминиумот, изјави Грир.
Тој додаде дека доколку ЕУ реагирала толку брзо во решавањето на глобалниот вишок на производствени капацитети, колку што реагира во казнувањето на САД, „ситуацијата денес би била сосема поинаква“.
– Оваа казнена мерка целосно ги игнорира националните безбедносни интереси на САД – па дури и меѓународната безбедност – и претставува уште еден показател дека економските и трговските политики на ЕУ се оддалечени од реалноста“, додаде тој.