Движењето ЗНАМ на својот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, му ја достави „Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии“. Од ЗНАМ најавуваат дека иста ваква постапка ќе има со другите политички партии. Платформата се состои од девет точки со кои се очекува да се постигне национален консензус околу клучните работи, и на внатрешен, и на надворешен план. Од ЗНАМ, очекуваат Платформата да биде прифатена и од владиниот албански коалициски партнер Вреди, бидејќи ‘Македонија е заедничка држава’. За евентуалната поддршка од „Европски фронт“, од ЗНАМ велат дека ќе направат се, за да се постигне тоа.
„Платформата на рака му ја доставуваме нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ. Тие ќе се запознат со содржината, а потоа ние сме подготвени да разговараме и да ги објаснуваме позициите што се содржани во нашата понудена национална платформа. Ќе си дадеме време. Ќе разговараме и подаваме рака на сите, бидејќи ова е навистина многу важен државнички чекор. Националната платформа е натпартиски, надетнички, над сите можни нивоа важна како чекор. Македонија прво треба национално внатрешно да се обедини за да зајакне нејзината меѓународна позиција“, рече Весна Бендевска, од ЗНАМ.
Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, пред неколку денови ја најави Националната платформа, чија цел, како што рече ‘е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Република Македонија за остварување на нашата стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија’.