Новиот канадски премиер Марк Карни во неделата распиша предвремени избори за 28 април, велејќи дека му е потребен силен мандат за да се справи со заканата од американскиот претседател Доналд Трамп, кој „сака да не скрши за Америка да нè поседува“.
Коментарите покажаа до кој степен односите меѓу САД и Канада, два долгогодишни сојузници и големи трговски партнери, се влошија откако Трамп воведе царини за Канада и се закани дека ќе ја припои како 51-ва држава.
Иако следните избори требаше да се одржат на 20 октомври, Карни се надева дека ќе профитира од извонредното закрепнување на неговата Либерална партија на анкетите од јануари, кога Трамп почна да и се заканува на Канада, а поранешниот премиер Џастин Трудо ја објави својата оставка.
Откако положи заклетва како премиер на 14 март, Карни рече дека може да работи со Трамп и дека го почитува. Во неделата, сепак, зазеде поборбен пристап.
„Се соочуваме со најзначајната криза во нашиот живот поради неоправданите трговски дејствија на претседателот Трамп и неговите закани за нашиот суверенитет“, им рече Карни на новинарите откако генералниот гувернер – личниот претставник на кралот Чарлс, шефот на државата на Канада – го одобри неговото барање за избори.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар за забелешките на Карни.
Трамп на 6 март ја одложи широката царина од 25 отсто за некои канадски стоки за 30 дена. Оттогаш тој воведе царини за увоз на челик и алуминиум и се закани со реципрочни царини за дополнителни стоки, вклучително и канадски млечни производи и граѓа, на 2 април.