Во текот на ноќта во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос повторно беа регистрирани низа земјотреси, од кои четири со јачина од над четири степени, додека во текот на денот ќе се одржи нов состанок со учество на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за процена на ситуацијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас, говорејќи за грчката телевизија ЕРТ утрово објасни дека постојат две сценарија за сеизмичката активноста, едното, позитивно сценарио е да се случи земјотрес со јачина од 5,5 степени без посериозни штети и „во овој случај, ситуацијата постепено ќе деескалира“
Второто, екстремното сценарио, според Лекас предвидува земјотрес од 6-6,2 степени и „доколку се случи тоа, сигурно ќе имаме одредени последици и затоа се преземени сите неопходни оперативни мерки“.
Дополнително оцени дека големиот расед кај островот Аморгос, што го предизвика земјотресот од 7,7 степени во 1956 година, „не е активиран“.
– На овој расед му се потребни илјадници години за да се надополни со енергија. Поминаа само 70 години од претходниот земјотрес, така што невозможно е да се активира, изјави професорот за ЕРТ.
Интердисциплинарниот комитет за управување со опасности и кризи при Националниот универзитет во Атина вчера соопшти дека од јуни во во близина на Санторини биле регистрирани над 2.500 земјотреси.
Според процените во Грција, во изминатите денови, поради земјотресите островот го напуштиле над 10.000 лица, а пред сè станува збор за работници кои на Санторини се во пресрет на новата туристичка сезона, но и локално население.