Републички опозициски и покраински пратеници, заедно со опозициските градски советници, утринава пред осум часот почнаа да ја блокираат зградата во која се наоѓаат судот и обвинителството во Нови Сад, со цел да побараат ослободување на политичарите и активистите кои беа затворени за време и по протестот за паѓањето на настрешница во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.
Пред судот е полицијата во опрема за разбивање демонстрации, со штитови и шлемови, и има туркање меѓу насобраните и полицајците на влезот во зградата каде што се наоѓаат судот и обвинителството. Пред зградата се легитимираат луѓето и се пуштаат само вработените. На вработените кои бараат да им се дозволи да работат, пратениците им велат дека не сакаат, бидејќи не си ја вршат работата и не ги апсат одговорните.
Како што изјавија опозиционерите, тие во знак на протест ја блокирале зградата поради активистите, кои беа приведени по протестот во Нови Сад на 5 ноември. Станува збор за протест кој беше организиран поради падот на настрешницата на Железничката станица во тој град, во кој животот го загубија 15 лица, а двајца се тешко повредени.