Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска во Москва се сретна со претседателот на Русија Владимир Путин.
„Само што имав средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Ова е наша 26-та средба“, напиша Додик на социјалната мрежа Х, каде што објави и видео од средбата со Путин.
Тој додаде дека Русија е многу важна земја за РС, во рамките на Советот за безбедност на ОН, нагласувајќи дека Русија „отсекогаш била објективна“.
„Русија е гарант на Дејтонскиот мировен договор и тоа го кажа Путин на средбата. Тој додаде дека во тие рамки Русија ќе се залага за крај и прекин на работата на меѓународните институции, особено на лажниот висок претставник, односно, како што вели, нелегитимниот претставник“, рече Додик.
Тој, исто така, рече дека „Путин ги знае деталите и севкупната ситуација што се случува во нашата земја“, додавајќи дека рускиот претседател „се интересира за нешто што го прашува обичниот човек овде. Го интересирале деталите, што правиме и како го правиме тоа“, заклучил Додик.
На официјалната веб-страница на Кремљ беше објавено дека на средбата меѓу Путин и Додик присуствувале и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, министерот за наука и технолошки развој и високо образование на РС Жељко Будимир и шефот на претставништвото на РС во Русија Душко Перовиќ.
Судот на БиХ на 27 март побара од Интерпол да распише црвена потерница за Додик и претседателот на Парламентот на РС, Ненад Стевандиќ, поради сомневање дека сториле кривично дело „напад на уставниот поредок на БиХ“.
Ваквото барање било испратено откако и двајцата ја напуштиле Босна и Херцеговина, избегнувајќи ги законски пропишаните процедури за гранична контрола, а по нив е распишана централна потерница во Босна и Херцеговина.