„Странски платеници“ во режимот на Слободан Милошевиќ во 90-тите, денес „агенти на странско влијание“. Ознаката „странски агент“ може да стане законска обврска за невладиниот сектор доколку српскиот Парламент го усвои предложениот акт за агенти на странско влијание.
Таков предлог во собраниска процедура доставија пратениците на Социјалистичкото движење, чиј основач е прорускиот потпретседател на Владата на Србија, Александар Вулин, кој некогаш бил близок со Милошевиќ.
Предложениот закон за посебен регистар на агенти од странско влијание ги дефинира како „странски агенти“ сите здруженија и непрофитни организации кои главно се финансираат од странство заради политичко влијание.
Закон за странски агенти по моделот на Русија, каде што служи за задушување на критиките на владата и ограничување на работата на активистите за човекови права и независните медиуми, беше усвоен или предложен во неколку други земји, вклучително и на Балканот.
Во Социјалистичкото движење, пак, тие тврдат дека нивниот модел бил американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA) од 1938 година, а не рускиот. Социјалистичкото движење и неговиот основач Александар Вулин се долгорочен коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија (СНС) и на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Српската напредна партија не одговори на прашањето на РСЕ дали ќе го поддржи предлогот за закон за странски агенти и каков е ставот на СНС за тој предлог.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 3 декември им рече на новинарите дека ниту владата ниту парламентарното мнозинство не се предлагачи на законот за странски агенти, туку политичка партија.
„Да сакаше владата ќе го предложеше. Но ќе има дискусии за законот, па на народот ќе му биде јасно како ќе биде именуван“, рече Вучиќ.