Албанскиот премиер Еди Рама утрово повторно упати повик за дијалог до студентите што протестираат, поставувајќи нови столчиња на местото каде што претходниот ден дел од демонстрантите ги скршија и одбија средба. Рама порача дека правото на протест е неприкосновено, но оштетувањето на имотот претставува кривично дело кое законски и финансиски ќе се казни.
Албанскиот премиер нагласи дека секоја поплака треба да биде аргумент за разговор, а не за ескалација на тензиите.
Според него, постојат илјада и една причина за незадоволство и за протест, но ниту една од нив не може да послужи како оправдување за насилство. Тој посочи дека неговата рака останува подадена за сите што мислат поинаку од власта, додавајќи дека барањата за подобрување на состојбите можат да се решат само преку институционална работа и соодветно насочување на буџетските средства.
Рама упати директен апел до младите да се оградат од инцидентите. Тој најави правни и материјални санкции за секој што учествува во оштетување на јавниот и приватниот имот, подвлекувајќи дека секој поединец ќе сноси одговорност за предизвиканата штета.
Премиерот порача дека слободата на протестирање завршува таму каде што започнува слободата и безбедноста на другите граѓани во рамките на демократскиот поредок.

