Пратениците на Европскиот парламент на пленарна седница во Стразбур разговараа за ситуацијата во Србија. Седницата е свикана на иницијатива на повеќе политички групи во Европскиот парламент, главно од социјалдемократите и партиите од левиот центар, но дискусијата ја поддржа и Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка групација чиј придружна членка е Српската напредна партија. Говорите на европратениците зависеа од тоа кој од која партија доаѓа и се поставува прашањето дали оваа дебата ќе влијае на евроинтеграцискиот процес.
Како што јави дописникот на Еуроњуз Србија, кој ја следеше дебатата, говорите на пратениците зависеа од тоа кој од која страна доаѓа – оние лево од центарот беа поостри кон властите во Србија, додека оние од десно од центарот покажаа поблага и помирлива реторика.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека во Србија треба да се воспостави широк дијалог и порача дека нападите врз мирните демонстранти се неприфатливи и треба да се истражат. Таа додаде дека говорот на омраза и поттикнувањето омраза немаат место во ЕУ.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, рече дека ова е политичка криза која бара политичко решение и дека решението, додаде тој, „не е во протерување на граѓаните на ЕУ од Србија“.
Оценка е дека дебатата на моменти изгледаше како Србија да е слободна тема, па се слушаа повици романската заедница во Србија да има поголеми права, а се зборуваше и за лошата положба на Србите на Косово и Метохија.
И словенечката пратеничка Ирена Јовева кратко зборуваше на српски, изразувајќи поддршка за студентите во Србија, а во еден момент дури и им се поклони.
Инаку, дебатата остана само дебата, со оглед на тоа што не беше планирана резолуција или документ да ја придружува. За денеска се најавени средби меѓу делегацијата на ЕП и српската делегација за соработка со Европскиот парламент.