Вучиќ го празни кабинетот во српското Претседателство за Ана Брнабиќ, а на 27 септември ќе поднесе оставка и ќе влезе во парламентарната изборна кампања како кандидат за премиер. Српскиот претседател ја потврди одлуката во интервју за Радио Белград, еден месец пред парламентарните избори закажани за 25 октомври.
„Во недела, на 27 септември, поднесувам оставка“, изјави Вучиќ, прецизирајќи го датумот по неколку претходни најави дека функцијата ќе ја напушти веднаш по враќањето од Њујорк.
Тој рече дека од кабинетот треба да изнесе уште неколку работи бидејќи сака идната вршителка на должноста претседател на Србија, Ана Брнабиќ, да ја дочека празна канцеларија и веднаш да може да ја преземе функцијата.
Оставката нема да значи и повлекување на Вучиќ од политиката. Тој е носител на изборната листа „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија, и кандидат за премиер на парламентарните избори.
По напуштањето на претседателската функција, Вучиќ најави дека ќе ја продолжи кампањата како „обичен граѓанин“. Претходно изјави дека со сопствен автомобил, комбе и камп-приколка ќе ги посетува и најоддалечените населени места, а планирани се и големи собири во Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш.
Според Уставот на Србија, неговиот претседателски мандат ќе престане кога оставката ќе биде доставена до Народното собрание. Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, потоа ќе ја преземе функцијата вршителка на должноста претседател на државата, која може да ја извршува најдолго три месеци.
Во тој период Брнабиќ ќе има право да ја претставува Србија во земјата и во странство, да ги извршува овластувањата во областа на одбраната, да командува со Војската, да прогласува закони, да распишува парламентарни избори и да предлага кандидат за претседател на Владата.
Оставката на Вучиќ отвора и нов изборен рок. Претседателските избори мора да се одржат најдоцна три месеци по престанувањето на неговиот мандат, што значи дека крајниот датум за гласање би бил 27 декември.
Претседателските и парламентарните избори нема да можат да се одржат истовремено на 25 октомври. Српските прописи предвидуваат дека од распишувањето до одржувањето на претседателските избори мора да поминат најмалку 30 дена, а оставката е најавена за 27 септември.
Вучиќ најави дека, доколку неговата листа победи и тој стане премиер, новата влада ќе има најмногу 12 министри. Тој вети и дека во првите три месеци по формирањето на Владата ќе се обиде да замени најмалку половина од градоначалниците и претседателите на општините од владејачката структура.
Со најавената оставка, Вучиќ ја напушта претседателската функција околу осум месеци пред редовното завршување на вториот мандат, кој требаше да трае до 31 мај 2027 година. Институционалната транзиција треба да започне на 27 септември, парламентарното гласање е закажано за 25 октомври, а нов претседател на Србија треба да биде избран најдоцна до крајот на декември.

